РЕТРОСПЕКТИВА НА ФИЛМОВИТЕ НА ЈИРЖИ МЕНЦЛ
Од 1 декември (четврток) до 11 декември (сабота) – Кинотеката, во соработка со Амбасадата на Чешката Република – организира голема рертоспектива на легендарниот чешки режисер и глумец Јиржи Менцл (Jiří Menzel). Оваа ретроспектива ќе биде отворена со филмот СТРОГО КОНТРОЛИРАНИ ВОЗОВИ (Ostře sledované vlaky / Closely Observed Trains), дебитантски долгометражен игран филм на Менцл (1938-2020), со кој освои „Оскар“ за најдобар странски филм во 1967 година.
До 11 декември, во термините од 20:00 часот, во кинотечната сала ќе бидат прикажани уште осум наслови на Јиржи Менцл: СТРИЖЕНО-КОСЕНО (Postřižiny / Cutting It Short), ЛАСТОВИЧКИ НА ЖИЦА (Skřivánci na niti / Larks on a String), омнибусот БИСЕРИ НА ДНОТО (Perličky na dně / Pearls of the Deep) во кој Менцл е еден од четирите автори, СНЕЖEН ФЕСТИВАЛ (Slavnosti sneženek / Snowdrop Festivаl), СЕЛО МОЕ МАЛО (Vesničko má středisková / My Sweet Little Village), КРАЈОТ НА СТАРИТЕ ВРЕМИЊА (Konec starých časů / The End of Old Times), ПРЕКРАСНИ ЛУЃЕ СО КАМЕРА (Báječní muži s klikou / Those Wonderful Men with Crank) и САМОТИЈА ВО ШУМАТА (Na samotě u lesa / A Cottage Near the Woods).
„Не можеш, брат, да се бориш против сила што не ја знаеш и не ја гледаш“, велеше Кудуз, главниот лик во истоимениот филм КУДУЗ на Адемир Кеновиќ од 1989 година. А можеш ли, и како, да се бориш бориш против силата што ја гледаш? На пример, ако таа сила најчесто е некој недемократски, тоталитарен режим?
Одговори на ова прашање има многу, но едно од нив има посебен „шмек“: се работи за хуморот во чешка верзија, кој обилно го користеа писателите и режисерите во некогашна Чехословачка во периодот од завршетокот на Втората светска војна па до падот на Берлинскиот ѕид и распадот на СССР, во чија геополитичка орбита принудно гравитираше оваа земја.