„Класифицираните“ податоци стануваат подостапни за барателите

Сподели

Асоцијацијата за истражување политики Аналитика ги објави новите квартални извештаи за работата на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер (КОМПСПИ) и Дирекцијата за заштита на лични податоци каде бележи благо подобрување на состојбите.

Hајголем број од жалбите до Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер завршиле со позитивен исход за барателите на информации.

Најголем број од жалбите се однесуваат на т.н. молк на администрацијата. Сепак, по отпочнувањето на жалбената постапка барателите најчесто ги добиваат бараните податоци, но дел од институциите воопшто не одговараат на дописите на Комисијата и се уште се потребни обуки за правилно спроведување на законот. Најголем дел од жалбите се поднесени од здруженија на граѓани, но има и се повеќе жалби од физички лица.

Постои подобрување во работата на Комисијата во случаи кога се работи за одбивања врз основа на класифицираност на податоците. За разлика од претходниот период, кога Комисијата обично ги потврдуваше решенијата на имателите на информации за одбивање на пристапот, во овој известителен период Комисијата уважи дел од жалбите. Притоа, Комисијата им укажуваше на имателите за случаи кога неосновано одбиле пристап (на пример за информации во врска со трошоци во работењето), или пак бараше дополнителни докази дека навистина станува збор за класифицирана информација.

Во однос на транспарентноста, Дирекцијата за заштита на личните податоци има забележителна и континуирана активност во медиумите, особено на радио, печатените медиуми и социјалните мрежи. Исто така, Дирекцијата оствари соработка со граѓанскиот сектор преку објавување на јавни повици за коментари и сугестии за дел од своите нацрт стратешки документи. Интернет страниците на двете тела се редовно ажурирани, но треба дополнително да се уредат на албански јазик.

И двете тела во иднина треба да покажат поголема проактивност во својата работа. И двете тела се соочуваат со недостиг на човечки ресурси, а Комисијата има и потешкотии од финансиска природа, што негативно влијае врз ефективноста и ефикасноста во работењето.

Главна цел на проектот е зголемена јавна контрола преку следење на работата на овие две тела со единствена цел подобрување на нивните перформанси, ефективност, транспарентност како и отчетност што во крајна линија ќе придонесе кон воспоставување отчетен јавен сектор. Извештаите се однесуваат на периодот јануари – март и април – јуни 2017 год. Проектот е поддржан од Британската Амбасада во Скопје.