Судиите кои ќе ја прифатат препораката на нивното Здружение за донации во солидарниот фонд за борбата против ковид-19, тоа ќе треба да го докажат преку уплатниците, јавува Телма.
Здружението на судии им препорача на своите претставници од платите за април и мај да одвојат намалку 20 отсто и така да ја покажат својата солидарност во време на пандемија.
Од понеделник ќе почне да се дели априлската плата за судиите, а оние кои ќе одлучат да донираат дел од платата треба да ги собираат и скенираат уплатниците со кои ќе се знае колку уплатиле.
Сите скенирани уплатници потоа ќе бидат испратени во седиштето во Скопје и таму ќе се пресмета колку е висока нивната солидарност.
Судиите предизвикаа револт кај јавноста откако пред неколку дена Уставниот суд ја замрзна уредбата за минимална плата на државните функционери, директорите и судиите за април и за мај.
Ова за Телма, го потврдил претставник на Управниот одбор на здружението.