Овој пат нема да се осврнам на Францускиот (ЕУ) документ, оти за тие што читаат како што пишува документот е докрај избалансиран. А за тие што читаат како што мислат, тука и медицината се уште нема пронајдено лек.
И со златни букви да е напишано, тие од него ќе направаат мојсиево златно теле. А при наши состојби загубеното злато може да се надомести, ама загубеното време веќе не. А ние низ повеќе примери докажуваме дека токму кога треба да добиеме нешто – свесно ќе загубиме сѐ. А за тоа, нешто широкоградно изгледа ни помага и еден „голем газда“ од Кремљ. Како поинаку, кога некому во сред Брисел повеќе му се допаѓа постојната формулација „Официјален јазик на Севрена Македонија“ од „Македонски јазик“!
ВМРО има вроден негаторски и кавгаџиски код, оти за жал нема што друго да понуди за да дојде на власт. Тие изгледа немаат ниту основно знаење што значи да понудите оперативна развојна програма, со коај најнормално ќе си ја добиеја власта. Во недостаток на тоа цело време ја „спасуваат“ државата од никога загрозена! Измислуваат разни светски, регионални и внатрешни заговорници. Таа партија во буквална смисла до ден денес нема решено ниту едно важно државничко прашање. На почетокот кога војната дивееше по бивша СФРЈ, не сакаа ПДП да биде дел од владата! Потоа, година дена блокираа избраните локални представници во Тетово и Гостивар за да ги заземат нивните места. Државата беше доведена до експлозија. Две години подоцна, организираа 46 дневен марш против идејата на тогашната влада за формирање педагошки факултет на Албански јазик. Пак државата беше доведена до амбис, па се спасивме со помош на Брисел и Вашингтон. Потоа во 2008 година беше одбиена златната шанса со мали козметички измени во името „Република Македонија – Скопје“ за да станеме членка на НАТО и да почнеме преговори со ЕУ! За подоцна со помош на измислената голема историја нѐ вратија во антички сон, па мораше да разбудиме окрвавени на 27 април. Пак не спасија тие што некои ги нарекуваат наши душмани. Политичкото лудило на ВМРО продолжи со Преспанскиот договор, кога пак државата беше доведена до колапс. Пак едвај не спасија.
Нивното хаотично дејствување продолжува и сега, сечејќи ја главната гранка каде што лежи целата држава! Со тешки лаги, измислици и манипулации пак, создадоа атмосфера дека токму нашите спасители се главните наши непријатели! Јазикот, идентитетот, достоинството, преговорачката рамка, протоколот и сѐ поврзано со тоа ти бил продукт на ѓаволот! Конечно челништвото на ВМРО јава бесен коњ директно кон опасен кањон! Наскоро ќе ги увидат резултатите (особено партиските). Кремљ ако не си ја завршите работата, а нема да можат, ве пуштаат во кањон. За жал тука се нафатија и бројни луѓе за кои се сметаше дека имаат ум и разум, ама веројатно дукатот е појак од умот и разумот. Очигледно дека на руската салата и недостасуваше добар вкус, па веројатно затоа некој мораше да рента интелектуалци, бивши политичари, невладинци итн. Значи се дојде до некаков добар адитив кој на руската салата ќе треба да и даде некаков вкус, кој впрочем бил само отров. Сега за повеќе центри веќе е на виделина скриената оска: Москва-Будимпешта-Скопје. Прашање е на денови кога многушто ќе биде со сета своја убавина на виделина.
Сѐ е одиграно многу вешто. Сосема примамливо и логично звучи тезата дека Бугарија која не го признава реципрочно македонското малцинство, а бара кај нас Бугарите да ги внесеме во Уставот! Но, ај да се запрашаме вака: Зошто на тоа не инсистира дури и една Турција која е петта сила во светот по воена моќ, иако во Бугарија живеат над 17% Турци?! Ај малце прстот на главата! Одговорот е во политичката прагма, која е алфа и омега во политиката, а која за жал кај нас е непозната именка! Ние со години дејствуваме „што на ум тоа на друм“ и затоа секогаш завршуваме во ендек! Изгледа и сегашното вмровско водство или лета во облаци или сее густа црна магла доле на земја! А во тој опасен лет ги носат и луѓето и државата! Ако не знаат што е политиката и државата, нека се поздрават со двете, барем ќе беа заслужни што еднаш успеале луѓето да ги поштедат од опасен кањон. Денес во ВМРО можеме да изброиме десетина луѓе кои се одлични политичари и кои знаат да пливаат и по диви води, а кои за жал сеуште не се во никаква игра. Но, изгледа нивното време доаѓа. Нивното сонце тек сега се раѓа додека ова на сегашниве им заоѓа? Тогаш ВМРО ќе стане власт, дури посакувана од многу граѓани. А тоа не е можно со ваков политички оркестар воден од една расипана прва виолина и многу труби!
А вакви какви што се, најдобри се ако не направат ништо. Оти што и да прават завршува во општ баксуз. Барем нека го слушнат Вучиќ кој има сто пати повеќе причина да биде со Москва, и кој како браќа ги моли кормилото да го насочат кон Брисел, оти важно ќе е „вагонот да биде поставен на европски шини, а потоа проблемите ќе се решаваат еден по еден“. Од станица до станица. Како и за сите други. Па ај да видиме како го испешачиле патот некои други земји. Дури многу поважни од нас.
На 28 јануари 1963 година, британското барање за членство во тогашната Европска Економска Заедница – ЕЕЗ (подоцна ЕУ), беше одбиен поради ветото на францускиот претседател ДеГол. Во 1965 и 1967 година, пак, британците арогантно беа почестени со француско вето. Дури во 1973 година Французите се смилуваа, откако ДеГол ја напушти власта!
Во декември 2008 година, Словенија директно ја блокираше Хрватска поради Пиранскиот залив (неколку квадратни киломентри територијално море). Хрватска беше блокирана неколку години, па мораше да бара излез. Таа предложи меѓународна арбитража, но Словенија упорно одбиваше. Европската комисија упорно настојуваше да посредува со нејзина специјална комисија за посредување, но без голем ефект. Напротив, словенечката блокада се прошири и за НАТО! Двојна блокада. Настана хаос во меѓусебните односи на тие држави, но и во НАТО и ЕУ. Подоцна со многу заложби била прифатена арбитража. Но, и ден денес меѓу нив сеуште има проблеми.
Штом Хрватска стигна до крајот на преговорите, се јави Црна Гора која пријави нерасчистени сметки околу разграничувањето кај Котор (меѓусоседски односи). И тука Хрватите мораа да најдат заедничко решение. Проблемите мачно биле разрешени, но никогаш никој не се потруди да создаде политичка хистерија.
Никој не треба да се крие зад Париз за да го види Москва. И тоа е легитимно ама бара логика за тоа што се нарекува општ интерес. А провизиите се лична работа. Не треба да се кријат за јазикот и идентитетот. Па нели со нашиот Устав албанската заедница во однос на јазикот веќе 22 години се нарекува – „јазикот на етничката заедницата која е најмалку 20 отсто“. Па сепак никој никого не асимилирал. Па нели требаше нешто да научиме од лагите од типот, „старите баби ако не научат Албански ќе бидат казнети со 5000 евра или затвор“ !!! Изгледа опозицијата својот личен проблем што не може да дојде до владиниот пекмез го продава како национално зло! И нормално тогаш се живо терате по ѓаволите. И тогаш ѓаволите ги тријат рацете. Ај да се запрашаме вака – дали некој се чувствува сега помалку Македонец поради Преспанскиот договор? Напротив сѐ е веќе ралаксирано. И таму се уште плачат. Нели министерот за одбрана на Грција, Никос Панајотопулос кажа дека „безусловното доделување на македонски идентитет и македонски јазик на соседите, беше мега грешка“. Ама додаде дека тоа веќе е завршена работа.
Проблемот на опозицијата не се ни јазикот, ни идентитетот ниту достоинството оти сите тие се темелни вредности на ЕУ. Проблем е што ако започнат преговорите со ЕУ, опозицијата тешко ќе стигне до влада. А губењето надеж за власт води кон губење на умот и разумот. Нормално дека тука дел од вината за ваква состојба има и власта која требаше многу попрофесионално и поорганизирано да пристапи кон презентирањето на францускиот документ. Владата треба да има сериозни структури за комуницирање со јавноста. За анализирање на проблемите.