Колашин и Мојковац: Градови на можности се уништуваат од назадни просторни планови

Сподели

 

И Колашин и Мојковац ги краси природа со незамислива убавина. Тоа се малечки градови, на коишто околните планини Бјеласица и Сињајевина им пружаат целосен спектар од можности за развој во, чист, еколошки правец. Ако Црна Гора навистина се стреми кон разеленување на градовите, би можеле да бидат примери за зелени градови кон кои се тежнее во Европа, пишува Андреа Јелиќ за Республика.

Андреа Јелиќ

„Колашинки и Колашинци, придружете ни се во обидот да го спасиме центарот на нашиот град од прекумерна изградба којашто сообраќајната и комуналната инфраструктура, а исто и нашите убави животни навики, не можат ниту да ја поддржат ниту да ја издржат“ – пишува во неодамна отпочнатата петиција од организацијата Зелен Колашин за ставање надвор од сила на Деталниот урбанистички план (ДУП) „Колашин Центар“. Ако државата Црна Гора навистина сака да ги разеленува градовите, Колашин, како и соседниот Мојковац, би можеле да бидат примери кон какви се тежнее во Европа. Самоодржливи, содржајни, уредени. Но, тоа не е случај.

И Колашин и Мојковац ги краси природа со незамислива убавина. Тоа се малечки градови, на коишто околните планини Бјеласица и Сињајевина им пружаат целосен спектар од можности за развој во чист, еколошки правец. Тоа се градови во коишто луѓето воглавно живеат од полјоделство и сточарство, во коишто сѐ уште се дише чист воздух и каде што и понатаму постои чиста, изворска вода. Со изградбата на делницата Бар – Бољаре до Маташево, овие градови се уште подобро поврзани со централниот и јужниот дел од Црна Гора.

Со малку работа и знаење, тие би можеле да бидат како Бад Клајнкирхајм или Бад Гаштајн во Австрија – гратчиња коишто лете се бањи и лекувалишта, а зиме скијачки центри, во коишто цутат домашно производство и туризам. И Колашин и Мојковац лете би ги привлекувале сите оние што се интересираат за здравствен туризам, а зиме би можеле да бидат вистински скијачки градови во коишто се доаѓа и од коишто се излегува низ скијачки патеки, односно со жичници/гондоли.

Процес на бетонизација

Но, наместо да ги сочуваат градските јадра и паметно да ја искористат околината, локалните, но и државните власти, поинаку гледаат на развојот на овие градови и носат, во најмала рака, еколошки неосвестени и спорни одлуки.

Така, процесот на бетонизација или – како што некој во коментарите под еден напис за уривањето на една прочуена колашинска куќа, стара 100 години, а лоцирана во улицата Мирко Вешовиќ, убаво воочи – „златиборизацијата“ на Колашин трае веќе со години, додека во Мојковац е најавена можност за отворање рудник за олово и цинк Brskovo Mine, во вредност од речиси 200 милиони евра. Намера на инвеститорите, швајцарската компанија Tara Resourcesе отпадните материјали од рудникот да ги депонира во нови јаловишта.

Од Министерството за екологија, просторно планирање и урбанизам (МЕППУ) истакнуваат дека сѐ уште не постои дозвола за изградба на рудник за олово и цинк, туку во тек е изработка на плански документ со којшто се согледуваат можности за реализација на проектот, уважувајќи ги ограничувањата како што се ерозивните процеси и заштитените подрачја во околината, остатоците од археолошките наоѓалишта, шумските и земјоделските ресурси…. „Низ понатамошната изработка потребен е внимателен однос кон воспоставувањето мерки за спречување и ублажување на препознаените негативни влијанија, што може да се јават како резултат од реализацијата на предметниот плански документ“, велат од Министерството.

Постојат, како што објаснуваат, три сценарија за рудник во Мојковац. „Првото сценарио не разгледува отворање рудник, затоа што е во конфликт со содржини што се дефинирани според намените. Второто сценарио подразбира развој и отворање рудници на локалитетите Жута Прла и Брсково, на површински ископи со примена на конвенционално флотациско јаловиште, а за тоа се потребни дополнителни 90 хектари површина, којашто претходно не била под влијание од рударски операции. Третото сценарио разгледува рудник на исти локалитети на површински ископи, со одложување и третман на рудниот отпад, а со воведување на нов пристап по пат на интегрирана постројка за управување со отпад. Со ова иновативно решение се намалува површината за експлоатациското поле за површината на флотациското јаловиште, па со самото тоа, влијанието кон пределот е помало во споредба со второто сценарио. Со ова сценарио е планирано изместување на реката Рудница во делот што е подложен на контаминација, при што се води сметка за одржлив развој и намалување на негативните влијанија кон животната средина“.

Извор: Влада на Црна Гора

 

Мојковац и порано имал мака поради јаловиштето, што останало како сеќавање на стариот рудник за олово и цинк „Брсково“, којшто е затворен, поради нерентабилност, на почетокот од дваесеттите години од минатиот век. Санацијата траела 20 години, а потоа рудникот престанал со работа, а тоа ги чинело граѓаните и граѓанките дури 10 милиони евра.

Денес, тој предел е претворен во зона за одмор и рекреација. Што било добра одлука, сооглед на тоа дека се работи за повеќедецениска црна еколошка точка во Црна Гора.

„Последици од работите се чувствуваат сѐ до денес – во зголемување на бројот на заболени од канцер, големиот број предвремено починати работници, земјиште загадено од тешки метали во околината на површинскиот ископ (арсен, олово, жива, кадмиум… така покажаа истражувањата од Центарот за екотоксиколошки испитувања во 2020. и 2021. година), долготрајната и скапа санација на јаловиштето во центарот на градот, загадувањето на реката Рудница, а со нејзино посредство и Тара, контаминирана вода што истекува од јами и со нерекултивираниот напуштен површински ископ“, вели Миодраг Фуштиќ од Граѓанската иницијатива (ГИ) „Здрави Мојковац“.

Меѓутоа, според претходни наводи во медиумите, планираните две јаловишта на новиот рудник би биле со речиси пет пати поголема површина од претходно.

На една од јавните расправи за Нацртот на Деталниот просторен план (ДПП) за просторот на концесиското подрачје за експлоатација на минерални сировини – Брсково и Нацртот на Извештајот за стратегиска проценка на влијанието врз животната средина, советничката во Агенцијата за заштита на животната средина, Гордана Ѓукановиќ, магистерка по хемиска технологија и инженерка за неорганска технологија, истакна дека прашањето за отворање рудник во Мојковац е – „прашање на здравје, живот и смрт за три генерации“. Притоа, таа укажа и на непочитување на сите процедури.

Во Нацрт извештајот за стратегиската проценка на влијанието врз животната средина ДПП Брсково, се предупредува дека работите на тоа подрачје би влијаеле врз земјиштето, климата, водата, живеалиштата и биодиверзитетот, заштитените подрачја, културните добра, пејзажот, како и врз луѓето – во смисла на квалитетот на воздухот, водата, бучавата, електромагнетското зрачење и вибрациите. Се истакнува и дека ова подрачје се преклопува со транзициската зона на меѓународно заштитениот резерват на биосферата на реката Тара, како и дека е во непосреден контакт со заштитената зона на националните паркови „Биоградско језеро“ и „Дурмитор“. Се наведува и дека експлоатацијата на руда може да има влијание врз Тара, а со тоа и врз националниот парк „Дурмитор“.

Вреди да се укаже и на Мислењето на советот за ревизија на Планот за Брсково, во којшто задолжениот за просторно планирање, Драгомир Марковиќ забележува дека просторот е „препознаен како можно подрачје за експлоатација на руда…, а истовремено припаѓа на резерватот на биосферата и на Националниот парк – тешко дека постојат две поконфликтни намени, што е парадоксална појдовна точка за планирање“.

„Намерата за експлоатација на рудните ресурси на подрачјето Брсково, претставува континуитет на повеќедеценискиот однос на центарот на државата и политичките елити кон северниот дел од Црна Гора, како кон подрачје што е изложено на разулавена експлоатација“, наведува Фуштиќ.

Како што истакнува не станува збор за изолиран случај, туку за системски пристап. „Изгледа како целата државна стратегија во претходните 30 години да е насочена кон осиромашување и депопулација на северот, како и дека е дојдено до момент на неограничена експлоатација на ресурси, што го докажуваат постапките на сегашната Влада и министерствата за ‘екологија’, коишто во процедурите вметнаа голем број планови со коишто се пустоши северот. ДПП Брсково е само еден од нив, но најпогубен според можните последици“.

Фуштиќ предупредува дека искуството покажало дека рударството на тие лежишта е нерентабилно и неисплатливо. „Едвај отстранетата траума е повампирена со документот (ДПП Брсково) со којшто се планирани огромни зафати со површински ископи и јаловишта, во простор што поседува двојна заштита (УНЕСКО зона на басенот на реката Тара, III заштитна (бафер) зона на Националниот парк „Биоградска гора“), што е во спротивност со основната намена на просторот. Планираните активности не се планирани со ниту еден државен план, ниту со локални плански документи“.

Освен тоа, надоместот што државата би го добивала од рудникот, додава Фуштиќ, во најдобар случај би бил само неколку милиони евра годишно, додека концесионерот би добивал неспоредливо повеќе. „Вкупниот планиран приход за државата не би можел да ја подмири рекултивацијата, обновата на просторот, доколку дојде до експлоатација. Тоа доволно кажува за економската погубност на проектот во однос на локалната заедница и државата, со реални опасности за ширење на загаденоста на целиот предел на сливот на Тара и Лим (северот на Црна Гора, југозападот на Србија и истокот на Босна и Херцеговина). При сето тоа, отворање рудник би предизвикало иселување на 28 семејства, расчистување на повеќе стотини хектари шума, загрозување на населени места, гаснење работни места во земјоделството и во туризмот…“.

Освен рудникот Брсково, други еколошки спорни точки во Мојковац се каменоломот и асфалтната база во Штитарица, поради нерешеното прашање на емисии на прашина при минирање и дробење камен на таа локација.

На Сињаевина планираа воен полигон

Колку малку се размислува за зелената иднина на Мојковац, можеби најдобро говори и фактот дека во претходните години се размислувало за правење воен полигон на Сињаевина, заради изведување гаѓања и вежби на Војската на Црна Гора. Таа одлука наиде на револт кај локалното население и еколошките активисти, коишто со денови ноќеваа на студените Савини води, за да ги спречат вежбите за артилериско гаѓање на оваа планина – инаку, најголемо пасиште на Балканот, а второ по големина во Европа, како и простор богат со извори на пивка вода. Протестите беа поддржани и од претставници од новата власт, со ветување дека на Сињаевина нема да биде изграден воен полигон. Тоа прашање, меѓутоа, се уште не е отворено, зашто не е укината одлуката за воен полигон на Сињаевина.

Во меѓувреме, од меѓународната земјишна коалиција „International Land Coalition – ILC“ (чиј член од 2021. година е и Граѓанската иницијатива „Да ја сочуваме Сињаевина“), ја повикаа владата на Црна Гора да донесе итна одлука за прогласување на Сињаевина за регионален парк на природата, во чиешто управување ќе учествува локалната заедница.

Кон средината на јули, на Сињаевина се одржуваше Камп – Сите на Сињаевина, во чиишто рамки беа организирани различни активности – како што се приготвување домашен леб и качамак, собирање лековити билки, цветови и чајни билки, обиколка на преубави предели како што е Савино езеро, организирање кино на Маргита, караоке и традиционални игри, правење венци…

Масовната урбанизација на Колашин не е следена и од раст на број на жители

Од НВО „Зелени Колашин“ со недели предупредуваат на маните во Нацртот за Измени и дополнување на Просторно-урбанистичкиот план на Општина Колашин, околу којшто до неодамна беа во тек јавни расправи. Инаку, тоа е стратегиски план за развој што би требало да важи за период од 10 години. На овие измени и дополнувања граѓаните чекаат веќе неколку години – претходниот нацрт не е усвоен, зашто доби негативно мислење од Советот за ревизија.

Анализата што досега успеаја да ја сработат од НВО „Зелени Колашин“, покажа дека планот е контрадикторен: „Иако упорно се повикува на важноста за заштита на животната средина и на одржливиот, децентрализиран иден развој на градот, параметрите што се пропишани според планот раскажуваат друга приказна… На пример, Нацртот предвидува зголемување на урбаните подрачја од постојните 124 хектари на 482 хектари до 2030. година, што е зголемување од речиси четири пати, а предвидено за период од помалку од 10 години. Најголемиот дел од зголемувањето се однесува на урбанизираниот централен дел од општината, а не само на строгиот центар на градот, за којшто овој план предвидува интензивна нова изградба“, наведуваат од НВО „Зелени колашин“.

Извор: Општина Колашин

Тоа е, како што истакнуваат активистите, видливо низ прописите за градење згради со висина од пет надземни ката во самиот центар на градот, каде што дозволената зафатеност на парцелата оди до 100 насто, што значи дека планот дозволува основата на градбата да се поклопува со парцелата на којашто се гради. „Меѓутоа, планот налага и на секоја парцела еден дел да биде покриен со зеленило, а визурите на околните планински предели да бидат сочувани. Како, ако е дозволена изградба на високи згради во низи што заземаат цела површина на парцелата?“ – се прашуваат од оваа НВО.

Тврдат и дека олку големото зголемување на површината на урбаните подрачја нема да го следи огромниот раст на бројот на жители. „Нацртот предвидува дека до 2030. година бројот на жителите во Колашин ќе се зголеми за 592, во односот на бројот од 2011. година. Значи, развојот на нови урбани површини не е одговор на демографскиот раст – за кого, тогаш, се гради во олкава мерка? Ако со планот е предвидено површините на урбаните подрачја да се зголемуваат речиси четири пати, а бројот на жители да расте за околу 600, дали навистина можеме да зборуваме за оптимално користење на расположливиот простор?“.

Од МЕППУ сметаат дека со Измените и дополнувањата на ПУП на Колашин е пристапено во склад со принципот за одржливо планирање на просторот и интенциите на државата Црна Гора за развој на туризмот и просперитетот на северните општини. „Целта на изработката на Измените и дополнувањата на ПУП е преиспитување на просторно-планските решенија во рамки на важечкиот плански документ, како и можностите за проширување населби и планирање нови содржини што се компатибилни со стратегијата за развој на северниот регион. Со оглед на забрзаниот развој на туристичката и другите понуди, се јавува потреба за изградба на нови објекти со туристичка намена, за колективно домување, за централни дејности и слично“.

Меѓутоа, како што наведуваат од ова министерство, со оглед дека значаен број плански документи од понизок ранг не е во согласност со реалните просторни капацитети и важечкиот ПУП, потребно е да се преиспитаат и важечките планови и да се дадат насоки за нивна понатамошна планска разработка во склад со визијата на ПУП со посебни насоки за ДУП „Центар“, ДУП „Бреза“ и ДУП „Смаилагиќа поље“. „Урбанизација и примена на планско решение налага користење на постојни градежни подрачја за ширење на населеното место (само 35 посто искористеност на градежното подрачје во ГУР) укажува на недоволната одржливост на актуелниот просторен развој и на нерамномерната распределба на изградбата во рамките на градежното подрачје“.

Без визија за заштита на колашинските шуми, реки и земјишта

Вреди да се укаже и дека во целите се истакнува важноста за заштита на шумите и на промоциите на полјоделството и агротуризмот, но тогаш за олкаво зголемување на урбаните подрачја се планира да се „земат“ 60 хектари од полјоделското земјиште, 100 хектари шума и 200 хектари од останатите природни површини.

Интересно е и дека сегашната форма на Нацртот на ПУП не посветува доволно внимание ниту за скорешни иницијативи за заштита на просторот на Општина Колашин, како што е заштита на реката Мртвица со околината. „Планот остава отворени неколку сценарија за изградба на бројни хидроелектрани на Морача и на Тара, што не е во согласност ниту со постулатите за заштита на животната средина, ниту со еколошките цели што планот се обидува да ги промовира, но коишто, како што гледаме, не ги штити во своите насоки. Тој парадокс го гледаме и на бројни други места – на пример, Нацртот се обидува да промовира развој на агротуризмот и да го задржи голфот како ‘можност во доменот за развој на туризмот’, иако за голф се потребни огромни просторни ресурси и уништување живеалишта на локални растителни видови во корист на развој на специјална тревеста подлога, што се постигнува со употреба на пестициди и затоа не може да биде компатибилно со заштитата на животната средина“, предупредуваат од „Зелени Колашин“.

Од таа НВО воочија и дека планерите буквално го препишале пасусот што се занимава со заштитата на животната средина од текстот на ДУП „Колашин-Центар“ од пред 15 години. Оттогаш, како што истакнуваат, во Колашин се случиле многу нешта – изградба на нова скијашка инфраструктура на Бјеласица, изградба на мини хидроелектрани и борба на локалните заедници против таквиот план за развој, изградба на автопат, градежен бум во последната една година, локални последици од глобалните климатски промени… „И покрај сето ова, новиот стратегиски план за развој на Колашин не согледува дали постојат какви било нови предизвици и проблеми во заштитата на животната средина, ниту нуди потенцијални решенија? На мислење сме дека тоа прилично многу кажува за вниманието со којашто е изготвен Нацртот на овој план“.

Минхен, Лисабон, Манчестер… Имаат изобилство од добри пракси коишто други градови, без оглед на својата големина, можат да ги променат

За некој град да биде сметан за „зелен“ мора да исполнува девет критериуми, наведено е на сајтот Earth.org, глобално еколошко движење што се залага за одржлива економска политика и за управување со планетата Земја.

Тие критериуми подразбираат процент од јавните зелени површини и процент од вкупните енергетски потреби од обновлива енергија, процент од населението што користи јавен превоз за заминување на работа, нивото на загаденоста на воздухот, потрошувачката на вода по глава на жител, достапност на содржини со одење пеш, достапност за рециклажа и за градски компостинг ширум градот, како и бројот на земјоделските зелени пазари.

Во топ 10 најзелени градови, според Earth.org, спаѓаат Виена, Минхен, Берлин, Мадрид, Сао Пауло, Манчестер, Лисабон, Сингапур, Амстердам и Вашингтон.

Виена е позната по методично планирање на просторот, добриот јавен превоз и зелените површини што се голем дел од неговиот идентитет. Минхен може да се пофали со впечатлив транзитен систем, а Берлин е создаден за прошетки и има една од најниски стапки на користење вода по глава на жител во Европа. Мадрид е погоден за пешаци, исто како и Манчестер, којшто има една од највисоките стапки на користење јавен превоз во Европа. Лисабон е препознатлив според добрите програми за рециклирање и компостирање, а Сингапур според градините до покрај заливот и огромните паркови што служат како „терапевтски градини“ дизајнирани за повозрасни лица. Амстердам опфаќа мноштво велосипедски патеки, а Вашингтон е зелена оаза, преполна со јавни плоштади и паркови. Последниот град од овој список, што можеби е изненадување, е Сао Пауло – поради изобилството од зелени пазари во градот, како и затоа што неговите жители се најголеми корисници на обновлива енергија на глобално рамниште.

На списокот на најзелени градови, изготвен од специјализираниот портал „The Sustanaible Living Guide“, се наоѓаат и Копенхаген, Цирих, Рејкјавик, Љубљана, Монтевидео, Токио…

Овие градови имаат изобилство од најдобри пракси во сите овие области коишто другите градови, без оглед на големината, можат да ги применат.

Од МЕППУ истакнуваат за „РесПублика“ дека во градовите сѐ потешко се остварува рамномерен распоред на зелени површини, но дека постои стремеж кон тоа. „Оптималниот степен на разеленетост на градско рамниште, коешто се препорачува, изнесува 25 метри квадратни на жител“.

Од овој владин ресор објаснуваат дека визијата за разеленување на градовите е составен дел од секој просторно-урбанистички план, но дека се занемаруваат планските параметри. „Со правилно согледување на сите зададени плански услови и со одговорно и стручно проектирање, можно е да се добијат многу подобри просторни решенија и врз основа на важечките планови. Проблемот е честото занемарување на планските параметри за разеленување во пракса, па во наредниот период потребно е големо насочување напор кон контрола на спроведувањето на планските документи низ ревизија на проектната документација и издавањето потребни согласности, со нагласка на проверката дали се испочитувани пропишаните плански параметри што се однесуваат на минималниот процент на зелени површини“.

Градовите, наведуваат уште од МЕППУ, потребно е да се развиваат низ изработка на нова генерација плански документи што ќе ја следат Стратегијата за развој на градот. „Застарени просторни планови веќе не нудат адекватни одговори на новите предизвици од општествениот и просторниот развој. Примерите за добра пракса укажуваат на важноста на следење на динамиката и прилагодувањето на моделот за урбано планирање, со цел градовите да бидат попаметни, похумани и поотпорни на новите предизвици и климатски промени, а едновремено со поквалитетни простори за живот. Меѓу некои од клучните аспекти за постигнување одржлив просторен развој, се издвојуваат урбаната обнова и трансформацијата на „браунфилд“ подрачјата, вмрежување на зелени површини, управување со атмосферски и отпадни води, воспоставување систем на јавни простори, обезбедување квалитет на домувањето, унапредување на одржливата мобилност, остварување енергетска ефикасност, поттикнување партиципативен пристап кон планирање и креирање урбан идентитет“.

Ставот на ова ресорно министерство е дека е потребно зголемено рамниште на разеленетост на градовите преку формирање зелени кровови и разеленување на фасади на објекти, што е масовен тренд во светот. „За сето тоа да може да се спроведува побрзо и поефикасно, потребни се и измени на постојните Законски решенија и на Правилникот во областа на планирање простор“.

Фуштиќ смета дека, ако во последниве години се зборува за легализација на дури приближно 100 илјади бесправно изградени објекти, како и загрозеноста на извориштето на регионалниот водовод за приморјето, јасно е дека државата Црна Гора ја изгуби контролата врз процесот на урбанизација и планскиот развој на градовите на сите рамништа. „Разеленувањето на градовите треба да биде чекор по регулацијата на базичните, основни чекори, како што се изградба на сообраќајни и останати инфраструктурни елементи. Како заедница мораме да се подготвиме за надоаѓачките климатски промени и се обидуваме да ги ублажиме нивните ефекти. За жал, недостатокот од планска документација и стратегија или нивното неприменување, остануваат простор за понатамошна девастација на просторот и за промена на намената на површините“.

Од МЕППУ истакнуваат дека меѓу зелените површини важни за Мојковац се истакнува проектот „Санација на несредено одложувалиште на локацијата Закршница“, што е на брегот на реката Тара и чиешто завршување е планирано во наредните три години. Освен ова, планираат и унапредување на системот со управување на отпадни води во овој град.

За Колашин, наведуваат уште од овој Владин ресор, предвидени се средства за изградба на рециклажен двор. Планираат и изградба на постројки за пречистување отпадни води и канализациски мрежи и унапредување на водоснабдувањето.

Мојковац, истакнува Фуштиќ, денес е град без градски превоз и има само примарно рамниште на здравствена заштита. „Секако, на хартија постојат активни селски амбуланти, но во реалноста тие се претворени во капели. Звучи морбидно, но така е. Жителите на селата се принудени скапо да плаќаат такси кон Мојковац, затоа што јавен превоз не постои, за да дојдат во Здравствениот дом. Патиштата до повеќето села се лоши. Вртењето глава од проблемот со недостоинствениот живот на селото, како на локалните власти така и на државните, нема да придонесе за исчезнување на проблемот. Значи, патната инфраструктура, достапните сервиси и иновативноста можат да ја подобрат вкупната социо-економска и демографска слика на Мојковац, којшто на крајот може да биде самоодржлив град“, наведува тој.

Слични недостатоци го карактеризираат и животот во Колашин, што би требало да се потпира врз просторни ресурси и паралелно да се развива туризмот и земјоделството. Простор за напредување и промена кон пристапот на развојот на градовите има во изобилство. Времето, со оглед дека последиците од климатските промени се чувствуваат сѐ повеќе, од година во година, не чека.