КЗБ денеска одлучува за воведување на дневен престој во училиштата

Сподели

 

Комисијата за заразни болести денеска ќе ја разгледува можноста за воведување дневен престој во училиштата, а одлуката ќе зависи од епидемиолошката слика. Последната информација со која располага Комисијата е дека нема да има целодневен престој.

Одлуката зависи од епидемиолошката слика, од сите случувања во однос на самата болест и од условите и критериумите, кои треба да се исполнат за воведување целодневен престој.

Министерот за здравство Венко Филипче завчера изјави дека е направена анализа за бројката на деца кои би требало да останат во училиште и по завршувањето на часовите во смена.

– Ќе се донесе позитивна одлука исто како што се носи одлука и за исклучоците во сите други училишта, односно ако бројката на децата е толку мал да никако не ја загрозува нивната безбедност, односно да нема дополнителен епидемиолошки ризик што одредена група на деца ќе остане и после завршувањето на смената. Предност е што тоа е истата група на деца, значи не се зголемуваат контактите, тие биле во контакт претходно, сега само се зголемува времето на престојот, појасни Филипче.

Исјановски вчера не ја исклучи можноста за затворање на градинките, доколку дојде до влошување на состојбата со Ковид-19, кои, пак се отворија на почетокот на месецот, но веќе има неколку случаи на дечиња заболени од коронавирусот.
Според министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, доколку епидемиплошката состојба ескалира, следејќи ја будно состојбата и почитувајќи ги препораките на Комисијата за заразни болести ќе се преземат мерки кои ќе го гарантираат здравјето на децата и вработените.

Во однос на градинките, Филипче завчера рече дека се развиени алгоритми како и што се постапува кога ќе се дијагностицира дете и оти се направени протоколи за работа.

Од среда, 23 септември, на работа се враќаат лицата кои користеа продолжено породилно отсуство, додека бремените жени продолжуваат да ги користат мерките, односно се ослободуваат од одење на работа. На работа, од среда се враќаат и хронично болните. Исклучок од ова ќе бидат само лицата (пациенти) кај кои болеста е во фаза навлошување и оние со малигна болест за кои ќе биде дадена потврда со наод и мислење од лекар специјалист. Врз основа на таа потврда овие лица ќе користат боледување.