Конференцијата „Климатска акција: Да се спречува и да се лекува“, се одржува денес, на 21 ноември во хотел „Холидеј ин“ (сала Милениум 1).
Енергетската индустрија, отпадот, сообраќајот и градежништвото најмногу придонесуваат во емисиите на стакленички гасови во Македонија, додека шумите и урбаното зеленило кои се главни апсорбирачи на гасовите, се карактеризираат со низок квалитет и мал годишен прираст. Според климатските сценарија, средната годишна температура во земјава ќе се зголеми за 1.9°C до 2050 и врнежите ќе се намалат за речиси 23 отсто до 2100 година. Достапноста на населението до вода ќе биде ограничена, а сувите периоди и ненадејните поплави ќе бидат почести и повеќе изразени. Негативните ефекти на климатските промени ќе ги намалат приносите кај најголем дел од земјоделските култури и ќе ги зголемат ризиците врз здравјето на луѓето. Опасностите што ги носат климатските промени ќе предизвикаат проблеми во земјоделството, здравството, туризмот, биолошката разновидност…, иако штетните влијанија можат да се намалат со мерки кои дури создаваат нови зелени работни места. Сепак, сериозноста на последиците ќе зависи од способноста на државата да се подготви и да се справи со климатските промени.
На конференцијата поздравно обраќање ќе има Претседателот Стево Пендаровски, кој ја поддржа кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“. Професори и експерти од Македонија и регионот ќе дискутираат за постоечките ризици и за решенијата за адаптација и ублажување на климатските промени.
Кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“ ја реализира Институтот за комуникациски студии, а е финансирана од Британската амбасада во Скопје.