Во рамки на јубилејното 45. издание на манифестацијата „Скопско лето“ ќе се одржи концерт на хорот „Кочо Рацин“ под диригентската палка на Ангелина Спасовска.
ПРОГРАМА
1. Ave Maria – Jacob Arcadelt
2. Тропар на Св. Кирил и Методиј – Драган Шуплевски
3. Tebe pojem – Stevan Mokranjac
4. Bogoroditse djevo – Arvo Pärt
5. Otche nash – Anton Arensky
6. Mnogaja Leta – Dmitrii Bortnjanski
7. Мери Томчо – С.М. Гајдов
8. Миле поп Јорданов – Народна
9. Рум дум дум – обр. Драган Шуплевски
10. Горо ле горо – обр. Драган Шуплевски
11. Што ми е мило – Народна
12. Ајде слушај Анѓо – С.М. Гајдов
13. Момиче мало ѓаволо – С.М. Гајдов
Хорот „Кочо Рацин“, формиран во 1946 година, во Горно Врановци, е еден од најстарите хорови во Македонија.
Од самото негово формирање, низ одбраниот репертоар и посветената работа, хорот дава значаен придонес во презентирање на македонското музичко творештво, поврзувајки ја традицијата и современоста.
Уметничкото водство на хорот, во континуитет е под палката на еминентни имиња на композитори и диригенти од македонската хорска музика, меѓу кои: Трајко Прокопиев, Кирил Спировски, Ѓорѓи Смокварски, Живко Фирфов, Стефан Гајдов, Драган Шуплевски,Томислав Шопов, Летка Димова Полизова и др. Во своето повеќедецениско постоење, хорот има бројни настапи во земјата и странство, и тоа во: Италија, Полска, Романија, Чехословачка, Унгарија, Холандија, Грција, Србија…
Последниве години има забележителни настапи на Меѓународни натпревари и фестивали меѓу кои: „Мокрањчеви дани“ (Србија), „Нишки хорски свечености“ (Србија), „ТЕХО“ (Македонија), Интернационален хорски фестивал „Музика и Море“ (Паралија, Грција).
За својата посветена работа во презентирањето на македонското музичко творештво, хорот има добиено и неколку Државни награди: Орден за заслуги на народ – Сребрена Звезда, Наградата „Свети Климент Охридски“, Наградата на Град Скопје – „13 Ноември“.
Од настапите на меѓународни фестивали, хорот има добиено: Златна Плакета – „Мокрањчеви денови“, бројни дипломи, плакети, пофалници и признанија.
Од 2023 год. со хорот раководи диригентката Ангелина Спасовска.
.
.
.
Ангелина Спасовска, родена 1999г. во Скопје, своето музичко образование го стекнува на ФМУ – Скопје, при УКИМ, на смер Музичка теорија и педагогија со насока – Хорско диригирање. Студиите успешно ги завршува под менторство на проф. м-р. Сашо Татарчевски.
Ангелина Спасовска своето хорско ангажирање го започнува од најрана возраст настапувајки во детскиот хор „Изворче“ во Скопје, а потоа и женскиот хор „Рустико“, под водство на диригентот и педагог, Запро Запров.
Таа е долгогодишен активен член во мешаниот хор „Драган Шуплевски“ при ФМУ Скопје, во Женскиот Младински Хор при МКЦ Скопје, како и во професионалниот мешан хор „Про Арс“, под диригентската палка на маестро Сашо Татарчевски.
Во текот на студирањето и потоа, има настапувано на бројни концерти и натпревари за хорска музика во Македонија, како и во Србија, Бугарија, Полска, Унгарија, Косово.
Воедно, Ангелина Спасовска, учествува и во проекти на FAMES Studio, за снимање на хорска музика, со хорот „Про Арс“ за светски компании и продуцентски куќи.
Од 2023г., со голем ентузијазам, посветеност и љубов, Ангелина Спасовска успешно ја започнува својата диригентска кариера во мешаниот хор Кочо Рацин, Скопје.