Ансамблот за народни игри и песни „Танец“ денеска во Домот на АРМ, со почеток во 20:00 часот, ќе одржи концерт во чест на 100-годишнината од раѓањето на доајенката на македонската народна песна, Васка Илиева.
Концертот е замислен како ексклузивна гала-вечер каде што солистите и ансамблите на НУ „Танец“ ќе изведат петнаесетина антологиски песни од нејзиниот богат изворен, но и авторски репертоар, а ќе бидат прикажани и вредни архивски материјали поврзани со животот и делото на чествуваната уметница.
Васка Илиева (1923 – 2001) е една од најпознатите македонски изведувачки на народна музика. Оваа знаменита скопјанка својата музичка кариера ја почнува во 1950 година токму во Државниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“. И денеска нејзините изведби на песните: „Земјо македонска“, „Имала мајка“, „Излегол Невен Пејо“, „Аир да не сториш мајко“, „Сестра кани брата на вечера“ се македонски песнопоен белег со трајни вредности за македонската културна историја.