Косово забрани копање криптовалути заради зголемена потрошувачка на струја

Сподели

 

Косовската влада забрани производство на криптовалути, изјави министерот за економија Артане Ризваноли, енергетски кризи. Одлуката е донесена по препорака на Техничкиот комитет за вонредни мерки, кој се занимава со прашањето за снабдување со електрична енергија на Косово за време на енергетската криза.

„Техничкиот комитет, формиран кон крајот на минатата година, одржа два состанока за да ги идентификува проблемите и да најде решенија за негативните ефекти од глобалната енергетска криза. Врз основа на препораките, донесов одлука за забрана на производство на криптовалути низ Косово“, рече Ризваноли. Таа додаде дека надлежните институции дополнително ќе се ангажираат за да се запре производството на криптовалути на локации за кои постои сомневање дека се причина за големата потрошувачка на струја.

Дали Македонија ќе го следи примерот? Како што е познато и нашата држава е погодена со енергетската криза, од први јануари имаше и покачување на електричната енегерија, а минатата година медиумите открија дека во подрумите на ГТЦ се „копале“ криптовалути. Иако ниту обвинителството, ниту МВР не покрена истрага, со образложение дека немало кривично дело, сепак јасно е дека таму струјата за оние кои копале криптовалути ја платиле дуќанџиите кои добивале паушални сметки.

Но, не е само ГТЦ, според неофицијални информации, во Македонија на големо се копаат криптовалути и тоа со крадење на електрична енергија. Имаше неколку помали акции на МВР, но сепак овој тренд продолжува. Дали во периодот што следува ќе бидат преземени конкретни мерки, останува да се види.