ВМРО-ДПМНЕ е подготвена и има намера да го почитува Договорот од Пржино, кој предвидува формирање на техничка влада за организирање на избори кои треба да го трасираат патот за излез од политичката криза, изјави за „Мета“ директорот на Центарот за комуникации на владејчката партија, Иво Котевски, запрашан за коментар за последните најави на СДСМ за формирање на нова техничка влада.
– Согласно Договорот од Пржино, се предвидува формирање на техничка влада за организирање на избори и ВМРО-ДПМНЕ е подготвена и има намера да го почитува Договорот. Изборите се кремот на Договорот и тие треба да го трасираат патот за излез од политичката криза во која СДСМ ја втурна државата – вели Котевски.
Сепак, тој додава дека „Договорот од Пржино во никој случај не предвидува и во никој случај немаше за цел да ги внесе СДСМ во власта без легитимитет добиен од граѓаните“.
– Договорот имаше јасна цел цел: министрите и замениците – министри на СДСМ да бидат дел од власта која ќе ги организира изборите. За жал, во два наврати СДСМ поради страв од катастрофалниот рејтинг избега од соочување со граѓаните на избори – додава директорот на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ.
Потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски во петокот на протест во Велес, а вчера и портпаролот на партијата, Петре Шилегов најавија дека многу брзо ќе се формира влада што ќе ги исполни условите за одржување на фер и кредибилни избори, без да откријат дали во моментов се водат разговори за формирање на таква влада и за нејзиниот формат.
Холандската амбасада во петокот во соопштението со освртот од посетата на заменик-министерот за надворешни работи на Холандија и генерален директор за европска соработка, Роберт де Хроут на земјава, предупреди на тоа кои сè лица може да учествуваат во една таква влада.
„Учеството на лицата кои се под истрага на Специјалното јавно обвинителство во привремената Влада, или било која друга политичка функција не придонесува кон враќање на довербата на граѓаните“, беше наведено во соопштението.