Ковачевски до новите студенти: Со среќа, многу успех и само напред!

Сподели

 

Премиерот Ковачевски присуствуваше на првиот академски час и доделувањето индекси на новите студенти на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, и се обрати по повод почетокот на академската 2023/2024 година.

 

 

„Драги студенти и почитувани професори, овде на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, како и на сите државни и приватни универзитети низ државата, каде денеска започнува студиската година, Нека е среќен и успешен почетокот на новата, академска 2023/2024 година!

На сите студенти, кои денеска го започнуваат своето академското образование и на сите кои ги продолжуваат студиите, сакам да им порачам:

 

 

Секогаш вложувајте во вашето знаење, тоa е она што ќе ве формира и како личности и како професионалци и е влог кој ќе ви се врати повеќекратно низ животот. Знаењето е единственото нешто кое никој никогаш не може да ви го одземе. Таму всушност лежи моќта на сите промени кои ќе ги направите и за самите себе и за општеството. Јасно ми е дека многу работи од денешна перспектива ќе ви изгледаат непознати, тешки, и ќе ви изгледаат можеби недостижни, но сакам да ве уверам дека ако сте фокусирани, ако имате отворен ум, ако сте гладни за знаење, за вас нема да има никаква пречка. Вие – и секој поединечно и сите заедно, ако сакате и ако си го поставите како цел, можете да го смените светот околу вас.

Министерството за образование и наука веќе склучи договор за обезбедување средства во износ од 25 милиони евра за реконструкција на сите 9 државни студентски домови во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и Охрид. По три децении, конечно оваа Влада се зафати да го реши ова важно прашање за квалитетот на живот на студентите таму. И очекувам инвестициската активност да започне уште во оваа година.

Ќе завршам со она што го посочив на почетокот – сонувајте, верувајте во себе и пред сѐ бидете отворени за нови знаења затоа што тоа е вашата најдобра инвестиција. И работете напорно, затоа што со напорна работа, нема недостижна цел. Во име на Владата и во мое лично име, на сите студенти и професори во државата им посакувам среќна и успешна академска година.  

Со среќа на сите, многу успех и само напред!“