Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, денеска во рамки на официјалната посета, се сретна со претседателот на Владата на Република Словенија, Роберт Голоб, со кого имаа тет а тет средба, а потоа и билатерален состанок на којшто присуствуваа и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, вицепремиерката и министерка за надворешни и европски работи на Словенија, Тања Фајон и министерката за дигитализација на Словенија, Емилија Стојменова Дух.
На состанокот е констатирано дека Република Северна Македонија и Словенија веќе 31 година развиваат искрено и цврсто пријателство, кое што резултира со продуктивна билатерална соработка.
Пренесена е јасна поддршка од Словенија за следниот чекор на Северна Македонија во евроинтеграциите, како заслужен напредок и неопходен за стабилноста на регионот и Европа, во геополитички контекст. Поради тоа, изразено е очекување за разбирање на важноста на моментумот и продолжување по европскиот пат.
„Словенија отсекогаш била силен и гласен поддржувач на нашите евроатлантски интеграции и на европските перспективи на Северна Македонија и на Западен Балкан и затоа од исклучителна важност е поддршката и во овие моменти кога е пред нас шансата за зацврстување на европската ориентација, која е од стратешко значење и за целиот регион“, рече премиерот Ковачевски. Владата ќе продолжи да работи на продлабочување на партнерството со Словенија, за што е доказ и денешното потпишување Заедничка декларација за зајакнување на соработката меѓу Северна Македонија и Словенија, што ќе придонесе за натамошно интензивирање на билатералната соработка.
Разговарано е и за успешната економска соработка, за што е доказ унапредувањето на трговијата меѓу двете земји, како и за можностите за проширување на соработката и во други области од значење за граѓаните, како што е енергетиката и дигитализацијата. На средбата е потенцирана и улогата на Северна Македонија како промотор на културата на дијалог во регионот, којашто со политиките на добро разбирање и дијалог во регионален контекст и со континуитетот во поддршката на европските вредности и поставувајќи се јасно и ефективно на линија на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ во однос на ситуацијата во Украина и со претседавањето со ОБСЕ, активно придонесува во регионалната стабилност и перспективи.