Ковачевски-Вучиќ-Рама: Позитивните искуства од Отворен Балкан ќе ги пренесеме на Самитот во Берлин

Сподели

 

Премиерот Димитар Ковачевски на негова иницијатива денеска одржа координативен онлајн состанок со лидерите на Отворен Балкан, претседателот на Република Србија Александар Вучиќ и премиерот на Република Албанија Еди Рама, во пресрет на одржувањето на Самитот за Берлински процес кој се одржува на почетокот на ноември во Берлин.

На координативниот состанок присуствуваа вицепремиерот Бојан Маричиќ, министерот за надворешни работи Бујар Османи и претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески.

На состанокот лидерите истакнаа дека Отворен Балкан e препознаен како позитивна регионална иницијатива која веќе дава конкретни резултати за компаниите и за граѓаните кога се во прашање европските слободи за движење на луѓе, услуги и стоки. За таа цел на претстојниот Самит за Берлински процес лидерите се договорија да ги пренесат сите позитивни искуства од Отворен Балкан.

Од страна на лидерите беше посочено дека Отворен Балкан е иницијатива која ги мобилизира администрацијата, бизнисот и граѓаните за заеднички напредок на регионот и за заедничка поддршка за време на кризните состојби предизвикани од недостатокот на храна и струја.

Лидерите разговараа и за заедничките позиции на трите држави за забрзување на имплементацијата на тековните иницијативи.