Претседателот на Владата Димитар Ковачевски, денеска, со Фатмир Битиќи, министерот Азир Алиу и директорот на Фондот за инвестиции и технолошки развој, Фестим Халили, го претставија првиот дигитален асистент во јавниот сектор, базиран на вештачка интелигенција- АДА, дизајниран за потребите на програмите за државна помош. Се работи за проект поддржан преку Фондот за иновации и технолошки развој.
“Република Северна Македонија се дигитализира. Нашата држава ги следи светските процеси и веќе е дел од бранот на нови, модерни, дигитални трендови, кои го зафаќаат секој аспект на нашето живеење и наједноставно може да се каже дека да, доаѓа АДА, што е првиот дигитален асистент некогаш направен во Владата на нашата држава.
АДА ги нуди сите информации за финансиска поддршка од страна на државата, а ќе се надоградува и со други услуги од важност за деловниот сектор и граѓаните. Преку тоа, ќе влијаеме на зголемување на транспарентноста на сите институции, но и на намалување на корупцијата и елиминирање на човечкиот фактор во процесите. Воведувањето на овој прв дигитален асистент, што е револуционерен чекор во нашето општество, ќе значи забрзување на процесите на давање услуги на заинтересираните граѓани и претставници на компании, коишто ќе можат да бидат услужени во неограничен број и тоа постојано, во текот на 24 часа.
Илустрирано преку едноставни примери, ако порано билетите ги издаваа луѓе, сега тоа го прават машините. Физичкото плаќање на сметки кое порано беше единствено можно преку шалтери, сега е заменето со онлајн плаќање, исто како што е овозможено и вадењето на лични документи да биде по електронски пат а она на што веќе работиме е електронски ИД за граѓаните на Северна Македонија. Така, го исклучуваме влијанието на човечкиот фактор, можноста за грешки и за коруптивни практики.
Уште еднаш да ја поздравам денешната промоција на АДА и да посакам успешна имплементација на првиот дигитален асистент базиран на вештачка интелигенција со што РС Македонија станува дел од глобалните дигитални светски трендови,” изјави премиерот Ковачевски.