Ковачки: ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи промена на Уставот

Сподели

 

Сè што прави власта сега е една обична фарса која ќе заврши во еден ѕид од каде нема да се оди напред. Со ова што го планира власта нити ќе почнат преговори, ни ќе тече мед и млеко од утре. Практично Македонија ќе остане заглавена вечно во овој процес, изјави за „Заспиј ако можеш“ пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.

Ковачки истакна дека владата за да избега од одговорност се обидува да ја префрли одговорноста во Собранието каде што се надеваат дека ќе се изгласа предлогот, но како што посочи треба да биде јасно дека ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи промена на Устав.

 – Тоа што е доставено од владата во Собрание е еден лист хартија која што информативно го праќаат да се запознаеме. Владата се обидува да ја префрли одговорноста на Собранието и с сака да го понижи Собранието на начин на којшто е својствен. Изминатиов период видовме како владата се поставуваше на Собранието, кое го гледа како гласачка машинерија. Тие знаат дека имаат 61 пратеник и можат да го изгласаат предлогот.  Сепак треба да знаат дека промена на Устав, ВМРО-ДПМНЕ не поддржува, за тоа им требаат 80 пратеници и ние нема да поддржиме, рече Ковачки.

Тој потенцираше дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ е НЕ за ултиматумот, нашиот став е НЕ за бугаризација и НЕ за асимилација.

– За протоколот имавме можност да ја слушнеме бугарската министерка за надворешни работи, Генчовска која кажа дека протоколите се усогласени и имале договор со Османи да не се излегува во јавност. Но гледаме дека протекоа тие протоколи. Во неколку наврати ние ги повикувавме да објаснат за што преговараат и ако се преговара за идентитет, историја и јазик, треба Собранието да биде запознаено во најмала рака.  Членка на НАТО која сака да биде дел од ЕУ крие документи.   Кога криете нешто, очигледно е дека има нешто што е надвор од дозволеното од тоа што може да се прифати, рече Ковачки.

Ковачки истакна дека изгласана е Резолуција во Собрание која е обврзувачка за владата и владата е должна да постапува по неа.

– Ако беше се во согласност со Резолуцијата, зошто не објават јавно? Го лажат народот, влегуваат од една лага во друга. Факт е дека ќе менуваат учебници, ќе менуваат споменици  на македонските херои, факт е дека македонскиот јазик на правата конференција треба да има бугарска изјава која ќе не прати во цел процес на преговори? Кого го дефокусираат? Поглавје 34 кажува дека кога ќе дојде на крај да се одлучува за јазикот повторно ќе се отвори прашањето, нагласи Ковачки.