По најавата на посетата на Никос Коѕиас во Скопје, денеска тој и министрот за надворешни работи на Македонија Никола Попоски, остварија средба и разговараа за мерките за градење доверба и за нивното можно надградување и проширување, како и за железничка линија од Битола до Лерин и за градење гасовод од Солун до Македонија.
Спорот за името, како што претходно најавија, не беше дел од разговорот меѓу двајцата шефови на дипломатии.
– Не зборувавме за името, рековме еднаш барем да зборуваме за нашата соработка. Јас се залагам за компромиси, но добри, а не лоши компромиси. Компромис кој ќе не ослободи од затворите на историјата, која не можеме да ја промениме. Мислам дека на мирен начин треба да ги решаваме нашите разлики, што значи дека не треба едниот да се наметне врз другиот. Значи, потребен е компромис со кој ќе се задоволни повеќе страни, истакна по средбата Коѕиас.
Попоски рече дека во моментот кога Европската Унија и НАТО се соочуваат со внатрешни проблеми, а проблемот за името сè уште постои како пречка, треба да се насочиме кон подобрување на добрoсоседските односи, на градење просперитет и на зајакнување на економијата.
– Свесни сме дека набргу нема да се интегрираме во НАТO и во ЕУ и поради тоа, добрo е да се насoчиме кон градење мостови со Грција. И понатаму ќе имаме различни ставови за името, тоа е факт, но можеме да работиме на градење доверба и соработка. Ако не можеме да го решиме спорот, можеме да се фокусираме кон поголема економска и политичка стабилност и просперитет. Треба да покажеме капицитет дека можеме самите да си ги решаваме работите, а тоа ќе го отвори патот кон ЕУ – рече Попоски.
Во однос на бегалската криза, двајцата министри се согласија дека се соочуваат со предизвици, но оти благодарение на подобрената соработка и зголемената комуникација меѓу инстиутициите, работите се одвиваат како што треба.
– Да не постоеја мерките на доверба, кои беа добредојдени, работите можеа да забегаат понатаму. Научивме да се приспособиме. Бегалската криза беше училиште за двете страни да научат како да соработуваат. Животот создава проблеми, еден ќе решиш, се појавува друг. Проблемите не ме плашат, ме плаши немањето искуство и непознавањето на филозофија за нивно решавање – рече Коѕиас.
Министерот Попоски истакна дека интересите на двете страни, кои на почетокот беа во судир во однос на бегалската криза, сега се исти. Тој истакна дека можни се нови напливи на бегалци и појава на инциденти, како и минатата година, но сега веќе го имаат искуството и соработката за полесно справување со нив.
Во однос на состојбата со политичката криза во Македонија, Коѕиас одговарајќи на новинарско прашање, истакна дека тоа е внатрешно прашање на земјата и оти улогата на грчката политика не треба да биде да ги храни обидите за криза, туку со политиката да помогне таа да се реши.
Тој не го доведува своето доаѓање во Македонија во врска со претстојните евентуални избори во Македонија како поддршка за актуелната власт, а исто така, како што рече, не го ставил и ветото против санкциите за Македонија во ЕУ од тие причини.
Коѕиас, кој изрази жалење за жртвите во поплавите, за време на посетата во ниту еден момент не го употреби уставното име на Република Македонија, туку ја користеше фразата „пријателска земја на север“.