Кривични пријави за двајца од Македонски Брод, предизвикале пожар од догорче од цигара

Сподели

Секторот за внатрешни работи Битола- Полициска станица од општа надлежност Македонски Брод    поднесе кривична пријава против С.И.(48) и Ј.И.(49) двајцата од Македонски Брод поради постоење основи на сомнение дека пријавените сториле кривични дела „предизвикување општа опасност“ предвидено и казниво по член 288 став 4 и кривично дело „предизвикување шумски пожар“ казниво по член 227 став 4 од Кривичен Законик на Република Македонија. Имено на 4.8.2017 околу 12.00 часот во с. Могилец, Македонски Брод, во дворното место од куќа сопственост на пријавените започнал пожар што подоцна се проширил, при што биле опожарени две напуштени куќи, сандаци со пчели, но бил предизвикан и шумски пожар и била опожарена значителна површина со борова шума. Од преземените мерки постојат сомненија дека пријавените фрлиле отпушок од цигари во сено и предизвикале пожар што подоцна се проширил. Полициска станица од општа надлежност Македонски Брод поднесе и посебен извештај против Д.К.(36) од село Косово, Македонски Брод, поради постоење основи на сомнение дека пријавениот сторил кривично дело „предизвикување шумски пожар“ казниво по член 227 од Кривичен Законик на Република Македонија, а во врска со пожарот настанат на 25.07.2017 година што најпрво започнал во ловечки објект, а подоцна се проширил на места викани „Бигор“, и „Круша“ над село Требовле. Исто така Полициска станица од општа надлежност Македонски Брод поднесе и Записници за констатирани прекршоци по член 54 од Закон за шумите до надлежен инспектор во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство против две лица: Р.В.(61) од Скопје со престој во село Долно Зркле и против М.С.(82) од село Заград. Сторителите предизвикале отворен пожар во селата Заград и Зркле.