Судија на претходна постапка повторно ќе одлучува по барањата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за притвор на Горан Грујовски и мерките за претпазивост против останатите осомничени во случајот „Тврдина“, откако Кривичниот совет ја Основниот суд Скопје 1 ја прифатил жалбата на СЈО и ја укинал претходната одлука на судијката Александра Поп-Стефанија.
„Жалбата на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (СЈО) за лицето Г.Г. кое е опфатено во предметот на СЈО во јавноста познат како „Тврдина“ се уважува, а во врска со решението на судија на претходна постапка од 14.06.2016 година со кое предлогот за определување на мерка притвор од страна на судија на претходна постапка беше отфрлен, денеска советот го укина ова решение и истото се враќа на повторно одлучување пред судија на претходна постапка. По однос на жалбите на СЈО за осомничените лица Т.Ј., Г.Ј., Н.Б. и В.С. исто така опфатени во предметот „Тврдина“, Кривичниот совет донесе решение со кое жалбите се уважуваат, а решението на судијата на претходна постапка од 14.06.2016 година со кое беше отфрлен предлогот на СЈО за определување на мерки на претпазливост, се укинува и се враќа на повторно одлучување“, стои во соопштението на судот.
Оттаму посочуваат дека против решенијата на Кривичниот совет не е дозволена жалба.
Судијката на претходна постапка, Александра Поп-Стефанија, претходно ги отфрли барања на СЈО за притвор и мерки на претпазливост и ја оспори надлежноста на СЈО за предметот „Тврдина“.
Од СЈО тогаш одговорија дека станува збор за одлука во која има апсурдни и нелогични тврдења.
Началникот на петтата управа на УБК и останатите четворица осомничени, меѓу кои и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска се товарат дека уништиле два системи од незаконското прислушување, вредни 10 милиони евра.
Кривичниот совет ја укина одлуката на судијката Поп-Стефанија за „Тврдина“