Управaта за безбедност и контраразузнавање да не ја попречува истрагата на Специјалното јавно обвинителство и да не се спротивставува на судска наредба. Граѓаните на Република Македонија имаат право да знаат кој нелегално прислушувал во државата и во чии интерес, реагира ЛДП.
„Либерално-демократската партија повикува да не се попречува правдата и владеењето на правото во државата, особено не од институција која треба да ги заштитува интересите на државата и граѓаните. По синоќешните опструкции врз работата на Специјалното јавно обвинителство од страна на политичките марионети на власта, го повикуваме Основното јавно обвинителство да поведе постапка за попречување на работата на СЈО и спротивставување на судска наредба, бидејќи токму попречувањето на споведувањето на судска наредба е кривично дело кое се санкционира со нашите закони“, се наведува во реакцијата на ЛДП.
Според партијата, оваа власт, со ваквото однесување, уште подлабоко тоне во жив песок. Вистината за тоа кој прислушувал во Република Македонија и за чии интереси, кога-тогаш ќе се обелодени. Ако не сега, тогаш сигурно после 11 декември, кога новата влада ќе ги разобличи сите криминали и злодела на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ.