Традиционалната манифестација “Ресенско туристичко лето”, синоќа, во амбиентот на „Сарајот“, беше отворено на спектакуларен начин, со 21-то издание на Интернационалниот театарски фестивал и доделувањето на наградата за животно дело “Актер на Европа – 2023”, годинава на легендарната унгарска актерка, Енико Есењи.
На свеченото отворање се обрати градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски, додека, беседата за лауреатот, како што нагласи, на бреговите на митското Преспанско езеро, произнесе претседателот на фестивалот, Јордан Плевнеш.
Обраќајќи и се како кон метафора на една уметничка одисеја и прогласувајќи ја легендарна унгарска уметничка Енико Есењи за “Актер на Европа – 2023”, Плевнеш рече:
-Вие сте во Преспа и ќе бидете прогласена за “Актер на Европа – 2023”, пред оваа зграда на Сарајот подигната во европската Бел епок, на истото место каде биле прогласени, легендарниот Љуба Тадиќ од Србија, култниот актер Питер Брук, потоа Брус Мејерс од Лондон, Ана Петерсон од театарот “Стриндберг” од Стокхолм, Марсел Бозоне, директорот на “Комеди франсе”, бесмртната актерка на Словенија, Милена Зупанчич, како и повеќе други имиња кои се на врвот на театарска Европа.
Вие, продолжи Плевнеш, сте ги одиграле сите, сте режирале во најелитните театри во Будимпешта и цела Унгарија, Братислава, Прага, Санкт Петербург и Вашингтон.
-Но вечерва, овде во Македонија, ќе ви подариме една вистинска историја и легенда за да ја играте имагинарно и реално во оваа божествена преспанска ноќ, улогата на унгарската принцеза Маргарита која како претставничка на унгарската династија Арпади и сестра на првиот крал на Унгарија Свети Иштван се омажила за синот на балканскиот и македонскиот Цар Самуил, принцот Гаврил Радомир и со нивниот син во утробата, принцезата Маргарита била принудена да се врати воУнгарија, со смртоносни закани за да се породи во 1001 година со принцот Петар Дељан нивниот син кој што од Будим и Пешта ќе дојде во овие простори за да крене Востание кое крваво е задушено 1041. И тој умира како анонимен сонувач под ѕидините на Констатинопол. Вечерва, драга Енико, Вие ја играте таа улога докажувајќи Дека само уметноста ја има таа моќ да ги брише вековите и простосмртноста на човечкиот живот да го претвори во Вечност.
За годинешната добитичка, Енико Есењи, беше прикажан и видео уметнички портрет, со сите нејзини театарски и филмски креации.
По нејзина желба, Есењи денеска ќе ги посети црквата во Курбиново, како и градот Охрид, со неговите културно историски знаменитости.
Есењи има добиено неколку унгарски државни награди. Таа е носител на наградата Јазаи Мари, Заслужен уметник и наградата Кошут (2001), најпрестижната унгарска државна награда. Носител е на Орденот за заслуги на Унгарската Република, а е назначена и за амбасадор на унгарската култура.
Како актерка, таа се појави во бројни главни улоги во драмски ремек-дела, вклучувајќи ги Лејди Ен, Лејди Магбет, Клеопатра, Росалинда, Виолет, Корделија и будалата (Кралот Лир), Настја (Горки: Долните длабочини), Бланш (Тенеси Вилијамс: Трамвајот наречен желба), Маргарет (Тенеси Вилијамс: Мачка на жежок лимен покрив), Алисон (Озборн: Обзрни се во гнев), Нора (Ибзен: Куќа за кукли), за која беше избрана за најдобра актерка на Унгарскиот театарски фестивал.
Како режисер,зад нејзе стојат и продукциите на дела од Островски, Винтерберг-Руков-Хансен, Бомарше, Трејси Летс, Шекспировиот Отело, изведена на Меѓународниот фестивал на театри во Сеул, Јужна Кореја.
На сцената „Арена“ во Вашингтон, каде што ја постави “Човекот е еднаков на човекот” од Брехт во јануари 2004 година, а во 2015 ја поставува “Кој се плаши од Вирџинија Вулф” од Едвард Олби во Санкт Петербург, додека .нејзина последна продукција на Шекспир е онаа на “Ромео и Јулија”.
На свеченото отворање, признанието “Клучевите на Преспа” му беше враченна на познати дизајнаер и типограф од Македонија. Ласко Џуровски додека, традиционалната Голема повелба „Балканот – Срцето на Европа“, оваа година, ја понесоа македонскиот книжевен автор и теоретичар Зоран Пејковски, заедно со грчкиот актер Аргирис Гаканис и албанскиот новинар и книжевен критичар Бен Андони, кои имаа видео обраќање.
Бројната публика, до крајот на вечерта, уживаше во музичкиот настап на Елена Христова и Владимир Стојчевски (“Баклава)”, со изведбите на изворни песни, на трите јазици на народите околу езерото: македонски, грчки и албански.
Вечерва, во 21 часот, фестивалот продолжува со изведба на „Среќата е нова идеја во Европа“ (Македонија, Црна Гора, Албанија, Србија,БиХ) на Јордан Плевнеш, како Меѓународен театарски проект на Академија Балканика Еуропеана, под покровителство на УНЕСКО: „Балканска уметничка младинска мрежа на мобилност“.
Два часа порано, надвор од конкуренција, аматерската група “Самуилци” од Ресен, ќе ја изведе претставата “Бунда” од Миле Волканоски.
Фестивалот ќе трае до 11 јули, а се одржува од 2003 година, кога Европскиот парламент го прогласи Препанското езеро за Меѓуграничен европски парк, меѓу Македонија, Грција и Албанија.