Летна сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур

Сподели

 

Делегацијата на Собранието на РС Македонија во состав Дарко Каевски, шеф и Арта Биљали Зендели, член учествува на летната сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, од 19 до 22 јуни 2023 година во Стразбур, Франција.

Агендата на редовната сесија опфаќа расправа на тема миграции, на која ќе се расправа за три извештаи за интеграција на мигрантите и бегалците; социјалното вклучување на мигрантите, бегалците и внатрешно раселените лица преку спортот, како и здравствената и социјалната заштита на работниците без документи. Останатите  теми на вклучуваат решавање на конкретните предизвици со кои се соочуваат Белорусите во егзил, со учество на Свјатлана Циханускаја, лидер на белоруската демократска опозиција, реформата на законодавството за човекови права во Обединетото Кралство и транснационалната репресија како растечка закана за владеењето на правото и човековите права. Предвидени се и дебата за потребата од холистички пристап кон здравствената заштита за време на вонредни состојби во јавното здравство, како и за затворање на дигиталниот јаз.

Дневниот ред на сесијата предвидува обраќања на претседателката на Словенија,  Наташа Пирц Мусар и министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто. Министерот за надворешни работи на Латвија,  Едгарс Ринкевичс, во својство на претседавач со Комитетот на министри ќе им се обрати на пратениците на Парламентарното собрание, а генералниот секретар на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ, ќе ја одржи редовната комуникација преку одговарање на прашања на пратениците.

Пратениците ќе го разгледуваат буџетот и приоритетите на Советот на Европа за периодот 2024-2027 година и расходите на Собранието за двегодишниот период 2024-2025 година.

На почетокот на сесијата, пратениците ќе одлучуваат за барањата за заедничка итна дебата за учеството на руските и белоруските спортисти на Олимпијадата во Париз 2024 година, како и за обезбедување слободен и безбеден пристап преку Коридорот Лачин, меѓу Азрбејџан и Ерменија.

Поради реновирање на пленарната сала во зградата на Советот на Европа, пленарните седници се одржуваат во салата на Европскиот парламент.