Со својот последен говор, Ѓорге Иванов ѝ даде до знаење на целата македонска и светска јавност дека целосно ја деградирал функцијата претседател на Република Македонија и станал „само еден обичен гласноговорник“ на осомничениот за тешки криминали, поранешен премиер, Никола Груевски, стои во реакцијата на партијата Левица на вчерашниот говор на Иванов.
„Сега е јасно дека, освен царот, и неговиот дворски шут е гол!“, велат од Левица.
Од партијата оценуваат дека говорот на Иванов изобилувал со етикети, теории на заговор и со паушални обвинувања.
„Провиден е вашиот обид да го засените успехот што го извојуваа граѓаните, протестирајќи против Вашите незаконските и криминални помилувања на политичари, осомничени за тешки криминали. Се заканувавте дека ќе ја употребите дури и војската, ако наводно тоа биде потребно за да ја ‘смирите кризата’. И да сакате, формално правно не можете тоа да го направите без Собранието да прогласи воена состојба со двотретинско мнозинство. Но, уште позначајно, не заборавајте – Ниедна војска не извојувала победа над храбриот народ кој е цврсто решен да се ослободи од криминалниот и авторитарен режим!“, стои во реакцијата на Левица.
Оттаму порачуваат дека народот е разбуден и близу е денот кога ќе ги прати во заборав политичарите како Иванов.
„Правдата кај нас можеби е бавна, но ќе ги стигне сите политичари-криминалци бидејќи разбудениот народ нема да се помири со ништо помалку од тоа!“, додаваат од Левица.
Левица до Иванов: Сега е јасно дека, освен царот, и неговиот дворски шут е гол!