Левица поднесе иницијатива за разрешување на претседателката на ДКСК

Сподели

Пратеникот на Левица, Борислав Крмов, до претседателот на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата поднесе Иницијатива за отпочнување постапка за утврдување на исполнетост на услови за претседател на ДКСК – Татјана Димитровска.

Со оваа Иницијатива,Левица бара собраниската Комисија, согласно своите надлежности, да отпочне постапка за утврдување на исполнетоста на условите за вршење на функцијата претседател на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) од страна на Татјана Димитровска, по што ќе донесе заклучок со кој:

Ќе утврди дека претседателката на Државната комисија за спречување на корупција, Татјана Димитровска не ги исполнува условите за претседател од член 11 на Законот за спречување корупцијата и судирот на интереси, поради изречена мерка за забрана за преземање на одредени работни активности и

Ќе донесе предлог за нејзино разрешување од функцијата.

Иако избраниот претседател и членови на ДКСК имаат мандат од пет години, со Законот за спречување корупцијата и судирот на интереси се предвидени случаите во кои Собранието предвреме ги разрешува претседателот или членовите на комисијата.

Според член 14 од Законот, ако се утврди дека претседателот на ДКСК не ги исполнува условите за вршење на функцијата, може да се поднесе предлог за разрешување. Во овој случај, постапката за утврдување на способноста за извршување на функцијата треба да започне поради Привремената мерка за забрана за работа, која укажува на проблеми со способноста да се исполнуваат законските обврски.

Против претседателката на ДКСК е покренато обвинение за кривично дело, а судот ѝ изрече привремена мерка за забрана за вршење на работни активности, што е една од основите за избор, а воедно и разрешување од функцијата.

Левица ги смета за манипулативни изјавите на премиерот Мицкоски и спикерот Гаши, кои упорно бегаат од одговорност да ја разрешат претседателката Татјана Димитровска, со што дефакто го компромитираат работењето на оваа институција. Доколку борбата против корупцијата не е само празна флоскула на ДПМНЕ-ВРЕДИ, владејачкото мнозинство итно треба да ја разреши Татјана Димитровска и да побара колективна оставка од целокупниот состав на ДКСК, кој повеќе нема ниту интегритет, ниту кредибилитет да ја води оваа институција, се наведува во реакцијата на Левица.