Луди владетели

Сподели

Целокупната човечка историја изобилува со личности коишто владееле со народи и со царства, создавале империи, покорувале континенти и верувале дека поседуваат божја моќ и се повикани да ја одредуваат судбината на светот. Со своите луди нагони, тие вршеле невидени злосторства и ѕверства, а сепак биле славени и величани како предводници на своето време.
Солие констатира: “Пеколот на Дахау, на Равенбург или на Берген-Белсен, ледените стравотии на гулазите, купиштата костури пронајдени во прашумите на Кампучија, сите тие одвратно страшни мноштва жртвувани на боговите што сакавме да ги заборавиме, а како подбив на Немеза и Хад, дојдоа да не` потсетат дека Злото може да биде нешто сосем поинакво од вистинската отсутност на Доброто, дека тоа е неразделно од нашата судбина на овој свет…Уран повторно осамна во Сталин, Дионис – оној од Еврипидовите бахуси – во Хитлер, а ацтечкиот Тонатмух во Пол Пот.
Ако имаме предвид дека мали, безначајни, параноидни хитлерчиња, сталинчиња и полпотовци, искачени на своите тоталитарни тврдини, продолжуваат и натаму да се испикуваат низ мрачните ходници на историјата, тогаш човек не може, а да не се праша дали тиранијата е исклучиво последица на нивните душевни растројства или пак, се должи и на општиот занес на луѓето и на народите да бидат она што болните умови го сонуваат.
За жал, историјата и нејзината претходница – сегашноста, по извршениот пустош низ времето и просторот, со задоцнета совест ги поставуваат истите прашања: можеше ли тоа да се спречи? Како беше можно монструми, психопати и идиоти да завладеат со народи и со држави, туркајќи ги кон гилотините на срамот и претворајќи ги во свои следбеници и соучесници во Злото?
Историографите Казенев и Оге, истражувајќи ја налудничавоста на римските тирани Цезар, Калигула, Колиод и Нерон, во својот труд “Луди цареви” се повикуваат на мислењето на Монтерлан, кој смета дека римскиот народ бил одговорен за својот голем срам.
“Зар е достоен за сожалување народ кој дозволи да се откаже од се` што беше негова сопственост – пред се` трпејќи со него да владеат чудовишта – тој народ, во кој пред очите на очигледното зло, постојат само оние што не се свесни за тоа и кои се негови помагачи?” – вели Монтерлан.
Македонската актуелна стварност има доволно причини да не ги исчекува задоцнетите одговори на историјата. На нејзините плеќи веќе подолго време е налегнат товар од кој стравично мачно стенка нејзиниот р`бет. Прашање на денови, е кога таа реалност ќе му се спротивстави на грозното лице на Злото, барајќи спас од неминовната пропаст.
Одамна е јасно дека лагите и измамите со кои се хранеше овој народ, повеќе не ќе можат да ги прикриваат валканите раце на ненаситната ДПМНЕ-вска олигархија, којашто достоинството на обичниот човек го сведе на срамен подбив. Се отуѓува неговата историја, јазик, култура, се обезличува неговиот национален идентитет, се распродава неговата државност и сувереност, македонската земја заличува на село без кучиња, во коешто волците се промовираат во чувари на стада.
Провинцијалниот дух, малограѓанството, лажниот позерски патриотизам се воздигнуваат на пиедесталот на невкусот, како нови вредности и критериуми со кои се вклучуваме во културниот натпревар со светот. Секојдневно сме сведоци дека кандилото и темјанот стануваат неразделен декор на секој нивен елитен настап или смотра.
Граѓаните на Македонија се свесни дека од нивната блиска одлука ќе зависи дали деспотизмот, корупцијата, политичкиот и социјален неморал, инспирирани од актуелната власт ќе бидат спречени во својот уништувачки поход и дали нарушената свест на сегашните владетели ќе продолжи да гради нови фараонски пирамиди од заблуди и од самоизмами.
Доколку грешките навистина служат за поука, тогаш сите ние заедно носиме одговорност, тие да не се повторуваат во недоглед.
Георги Ајановски