Mинистерот за култура и туризам, Зоран Љутков ја посети Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ – Скопје, каде што се запозна со актуелните проекти и активности на оваа национална установа задолжена за чување и заштита на непроценливото книжевно богатство што го поседува нашата земја.
На средбата, в. д. директорот Јовица Никчевски го запозна министерот за тековните проблеми со кои се соочува установата, а го информираше и за состојбата со проектите чија реализација е поддржана од Министерството за култура и туризам.
Министерот Љутков информираше дека со поддршка од Министерството за култура, во 2022 година е извршена санација на покривот (блокови 1, 2 и 4 ) од објектот, а блоковите 3 и 5 не се реновирани.
– На средбата со директорот разговаравме за наредната 2025 година да се обезбедат средства во буџетот за реновирање на овие два блока, по што ќе следува и реализација на втората фаза од проектот – рече Љутков.
Љутков додаде дека негрижата за овој репрезентативен објект се потврдува и со фактот што новиот дел од објектот на НУБ од 2016 година е затворен, односно е нефункционален.
– Со директорот разговаравме за можните решенија, со мала поддршка од Министерството за култура и туризам овој проблем да биде надминат. Разговаравме и за надминување на проблемот со над милион парчиња книги со врвни наслови и со врвен квалитет што ги блокираат депоата. За ова прашање ќе се направи анализа и попис и ќе се најде решение каде да се распределат овие книги – рече министерот за култура и туризам.
На средбата беше соопштено и дека со ребалансот на буџетот, за НУБ „Св. Климент Охридски“, која е истовремено и национален COBISS-центар, се обезбедени средства за континуирано функционирање на библиотечно-информацискиот систем COBISS.MK.