МАДЛОНЕТИ – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели

Им цркнаа сите излезни решенија и сите можни дефокусирања! Што претставуваат, сега, бесконечните бесмислени новинарски елаборации за Пастирот, за наводните економски успеси, за клетата опозиција која само што одвнатре не се распаднала, за „патриотизмот“ на „патриотите“ кои ја бранат државата и унитарноста, за „клетите Шиптари и македонски одроденици од опозицијата“? Што се сега оние „посланија“ и патетично-квазиродољубиви секојдневни обраќања до фашизоидните портокалови демонстранти од страна на „истакнати“ писатели, уметници, публицисти? Зарем не се само еден идиотски крик за барање амнестиија и спас за портокаловото злосторничко здружение, а сè со крајно приземната и лицемерна цел да се одбранат ситните привилегии? Всушност, сè тоа е своевидна интелектуална онанија, со која се петрифицира и станува неизбришлива нашата, македонска, срамота.

Овој наш „внатрешно македонски револуционерен“ циркус повеќе од десет години го имаше растегнато својот портокалов шатор врз нашата земја и ги тормозеше, тероризираше и осиромашуваше луѓето, а ги „забавуваше“ и збогатуваше своите верни следбеници, своите голтачи на пламен и националистички хушкачи, тепачи и кловнови, скротувачи на мајмуни и останатите циркуски артисти. Сега, сосема е извесно, полека, ќе мора да си замине на буништето на историјата, како уште една несреќна, тажна, грда и, во основа, антимакедонска циркуска епизода од вековната македонска опстојба.

Дефинитивно, настапува време во кое ќе почнеме инаку да ја мислиме стварноста, време во кое ќе се откачеме од врховистичко-фашистичката пропаганда, од купиштата портокалови лаги и глупости, кои како воденички камен ни беа околу вратот и кои нè влечеа надолу кон беда, сиромаштија и националистичка хистерија. Но, настапува и време на македонските мадлонети (od fr. madelonnettes). Порано, тоа беа поклонички на Пријап и следбенички на Месалина, кои си замислиле дека живеат во Сибарит или Содома, кои неумерено ја конзумирале онаа позната и испразна venus vulgivaga, оние кои биле крајно раскалашани и развратни, ама кои извикале mea kulpa, се покајале, се трансформирале во христијански „вернички“, во приврзанички на новозаветната Магдалена Покајничка (од каде е и основата на терминот мадлонети) и своите гревови ги чистеле во посебни манастири.

Овие денешни наши фриволни и безначајни раскалашеници, овие дрски и празни ништожници, овие бедни и безвредни суштества, овие одвратни мадлонети и камелеони, сега, воглавно, ќе применуваат грозна пенитенција, на колена ќе молат и плачат, па дури ќе се обидуваат да потплаќаат, за да им се заборави минатото. Овие наши полуписмени сакофори не слушнале за зборовите на Оскар Вајлд дека „ниту еден човек не е доволно богат за да го купи своето минато“, та затоа нивните обиди да го „сменат“ и прикријат своето слугинско минато ќе биде една, жална и гадна, иморална глетка.

Секако, на „крајот од денот“, ќе мораме да се запрашаме: Кој од нас остана надвор од смрдливата бара без да падне и да се изгнаси? Кој успеа да го издржи портокаловиот трулеж без да поврати и без да опцуе? Кој од нас одби да „глуми“ во портокаловиот порнографски филм, па успеа да не го допре дното и морално да не се изопачи? Знаеме, добро знаеме, дека малкумина беа со вера и опит, малкумина останаа надвор од гнасната бара. Знаеме дека само малкумина беа јасноумни и чесни, па не прифатија да ја играат валканата порнографска ролја.

Да се разбереме, многу е важно времето во кое се изговорени „забранетите“ и „храбри“ зборови, а дури потоа и кој и како ги изговара таквите зборови. На пример, лесно е да зборувате против фашизмот, или да пишувате за слободата и правдата, во едно време пред повеќе од триесетина години, во време на доминација на антифашизмот, хуманизмот и социјализмот, но истите тие зборови се многу „тешки“ и „храбри“ во време на владеење на фашизмот, или на некој негов профашистички демократски „дериват“. Затоа, да се изговараат вистини кои претставуваат бласфемии против сите светињи на портокаловото време, пред неколку години беше исклучително значаен и храбар гест. И токму затоа, денес, оние „Малкумина“, со големо М, се токму оние што ја сочинуваат и претставуваат македонската морална вертикала и кои единствено можат и треба да го извлечат нашиот брод од декадентата смрдлива тиња во која е сега насукан и заглавен.