Македонска поезија: “1903” од Петре М. Андреевски

Сподели

 

1903 – Петре М. Андреевски

О, најдолга годино, ти збиру на нашата мака
што ни го изнесе оружјето до секој горски срт,
чакалу и гаврану во предците што гракаш,
пронајди ме и мене во твојот прекар сакан:
СЛОБОДА ИЛИ СМРТ!

Окову што не додржа со нашиот бол да патиш,
црна солзо врз пепелта преорана од крт до ‘рт,
колку пушки ни испразни маката да ни ја сфатиш
и кој беше последен востанат што те испрати
со СЛОБОДА ИЛИ СМРТ.

Камбанаријо што смеша земја, небеса и води,
раскажи ни ја цената на твојот зарек грд,
преброј ни ги мртвите од кои ти се роди
и продолжи да не водиш низ времето што нè сроди
со СЛОБОДА ИЛИ СМРТ.

О, штура свадбарино, припеку од сите рани светнат,
погоди ме и мене в срце со товојот лелек тврд,
погоди ме недоветно сред исто пладне летно
поради сите кои, умирајќи, ти пееја сетно:
СЛОБОДА ИЛИ СМРТ!