Македонскиот политички врв: Мапата на Каракачанов е кршење на Договорот за добрососедство

Сподели

 

Красимир Каракачанов во честитката за 8 Март жената ја претстави пред сѐ како мајка, а во пораката „Бугарија над сѐ“ , ги посочи главните акценти на кампањата на неговата партија: традации, семејство, вредности. Во заднината на оваа порака е мапата на неколкумесечната Санстефанска Бугарија, која опфаќа територии подалеку од Охрид, дури во Албанија и излегува на Егејско Море, но без Солун.

 

 

Санстефанските сништа на Каракачанов, претседателот Стево Пендаровски ги оцени како целосно спротивни на основните принципи и вредности на НАТО.

„Претседателот Пендаровски во однос на ваквите изјави кои доаѓаат од Софија секогаш укажувал дека претставуваат отворено кршење на Договорот за добрососедство и ја поткопуваат довербата меѓу двете земји и народи“, соопштија од Кабинетот на претседателот.

И премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров сметаат дека споделувањето на мапа на санстефанска Бугарија од бугарскиот вицепремиерот и министер за одбрана Красимир Каракачанов во која спаѓа и денешната територија на Македонија е предизборен фолколор за парламентарните избори кај источниот сосед кои треба да се одржат на четврти април.

„Принципиелно и со најумерени зборови, сепак ќе кажам дека за тие што вистина сакаме пријателство и добрососедство, важно е да сме внимателни и во тоа што го зборуваме и во тоа што го објавуваме на социјалните мрежи и посебно треба да избегнуваме објави и зборови кои што наликуваат на територијални претензии, се против Договорот за пријателство, нашето сојузништво, бидејќи Северна Македонија и Бугарија се земји сојузнички во НАТО алијансата“, рече вицепремиерот за евроинтеграции Димитров.

Како што е подготвен да шутира Никола и јас сум, веројатно кога ти местат пенал, но мора да внимаваме дека натрпеварот трае и треба да трае, одговори премиерот Зоран Заев на прес конференцијата во Владата.

„Ова го кажувам од аспект што Договорот за пријателство со Бугарија покажува дека државите меѓу себе немаат територијални претензии, а притоа ќе кажам и јас дека немам намера да влегувам во предизборен фолклор на соседна земја или која било друга пријателска земја“, изјави премиерот Заев.