Македонските училишта како партиски штабови

Сподели

Активистите за права на децата и социолозите бараат најстроги казни за образовните работници, кои наместо ширење на толеранција, го палат фитилот на насилството.

„Дедо, да ти се позлатат рацете. Требаше уште“.

„Малку ти е, а каде се крие Шеќеринска?“.

Овие коментари на Фејсбук се оставени под фотографија од крвави и претепани пратеници во македонското Собрание. Тоа се коментари на професорки во две скопски гимназии.

Неодамна, исто така на социјалните мрежи, е објавена видеоснимка од гимназијата во Прилеп, на која директорот на училиштето со националистички јазик ги повикува учениците да го поддржат движењето „За заедничка Македонија“, кое демонстрираше низ земјата.

„На ваши години, јас застанав во одбрана на независна Македонија“, им говореше на учениците.

„Срамота е во образовна институција да ни држите политички говори“, се слуша како му возвраќа една ученичка на крајот од снимката.

Еден родител, кој не сакаше јавно да зборува, ни посведочи дека во основното училиште кое го посетува неговото дете, наставникот го учел класот дека ги чека двојно повеќе материјал за учење, доколку се смени власта.

slika_1_aleksandra_filipova_-_mladinski_obrazovni_forum

„Од место во кое младите треба да учат критички да се изразуваат, да учат факти и вистина, образовните институции прераснаа во згради во кои најдиректно се извршува индоктринација и партиска пропаганда“, вели Александра Филипова од Младинскиот образовен форум. И самата била жртва на партиски етикетирања како средношколка, затоа што критикувала одредени владини реформи во образованието.

Мешање на политиката во образованието

Во изминатиот период во јавноста беа објавени повеќе примери на мешање на политиката во образовните установи. Учениците ги пуштале од настава порано, за да можат да се приклучат на протестите; изречена е тужба дека професор удрил ученик после политичка расправија; училиштата се излепени со постери кои повикуваат на бојкот на наставата за да се сочува државата, додека на партиски собир на ВМРО-ДПМНЕ, учителка се појави со погребен крст на кој беше напишано името на лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

И покрај тоа што голем број од овие случаи се противзаконски, Филипова вели дека надлежните институции не преземаат ништо за да ги спречат. Според неа, тоа е знак дека образовниот систем се злоупотребува за партиски цели.

„Прво ги ограничуваа учениците, потоа им втераа страв за слободно говорење, а на крај директно се влијае на нивното размислување и ставови. Наместо да се поттикнат да бидат активни граѓани, со етикетирање се учат да бидат послушни млади, а токму послушноста нè доведе во ваква состојба во сите социјални аспекти“, вели таа.

На овие случаи реагираат и од Првата детска амбасада во светот – Меѓаши. Драги Змијанац, основач и претседател на оваа организација, вели дека е загрижувачки колкаво е влијанието на партиите во образованието, во кое вработените повеќе им служат на партиските каузи, отколку на учителските должности.

slika_2_dragi_zmijanac_predsednik_medasi

„За жал, училиштата стануваат партиски штабови и регрутни центри на идната партиска омладина. Тоа се прави на суптилен начин, додека многу малку се посветува внимание на воспитување и образованието на нашите деца. Сè додека директорите и професорите се вработуваат на партиска основа, а не се посветува внимание на нивниот квалитет, ќе го имаме овој проблем. Образованието ни е заробено во партизираноста, но има и доста професори кои сакаат да излезат од овој поданички однос“, објаснува.

Македонското општество и неговиот образовен систем се дезинтегрирани, додека етичките и моралните вредности се во пад, смета Змијанац. Додава дека децата тешко можат да најдат вистински вредности во хаотичната атмосфера која владее во земјата.

Во Меѓаши добиваат бројни поплаки од родителите, но додава и дека и покрај нивните апели, не постои инструмент кој би ја санкционирал партиската злоупотреба на децата.

„Ние се залагаме политичките партии да се борат за поголеми права на децата и нивна благосостојба. Ние се спротивставуваме кога забележуваме дека ги користат децата како фолклор или декор, па дури и на нивното регрутирање од од најмала возраст, преку родителите или воспитно-образовниот кадат, за тие да не бидат нивни следбеници. Децата имаат други приоритети“, вели тој.

Морално изгубени генерации

А тоа децата да се искористуваат за цел на нечија промоција, во Македонија стана вообичаено. Минатиот септември, кога поранешниот премиер Никола Груевски ја однесе својата ќерка на нејзиниот прв училишен ден, другите деца ги дочекаа организирано поредени во два реда. Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, децата и воспитувачките од градските градинки, пола час ја чекаа да се појави промоција на новиот парк во градот.

Професорката на социологија на Филозофскиот факултет во Скопје, Татјана Стојаноска Иванова, згрозена е од овие примери. Вели дека е потребна најостра казна за лицата во образованието, кои наместо ширење на толеранција, го палат фитилот на насилството.

„Каков пример се дава? Утре може секој да повика на насилство. Секој учител може да практикува да се вратиме во 16 век, да земе стап и да ги тепа децата. Насилството раѓа насилство. Не може наставник на Фејсбук да посакува нечија смрт или да фали некој кој врши насилство. Како тогаш да се очекува дека ќе се спречи насилството во училиштата? Тоа е лицемерно и сметам дека тие луѓе се морални накази. Таков човек не смее никогаш повеќе да земе дневник во рака. Не заслужува да го носи епитетот едукатор“, вели тоа.

Училиштето е вториот детски дом и покрај родителите, наставниците и професорите се најголемо влијание на младите. Стојаноска Иванова предупредува дека, ако не се стави крај на наметнувањето на политичките ставови на позиција на авторитет, што може да ги фрустрира младите луѓе, тоа во општеството ќе се врати како бумеранг.

„Децата учат по моделот на имитација и идентификација. Ако од родителите и наставниците, како главни модели, добиваат погрешни влијанија, ако гледаат дека насилството не се казнува, може да се јават морално изгубени генерации. Додека ги ставаме овие примери под килимот, тие само ќе се таложат и ќе нè чекаат насилни генерации. Насилство во секој сегмент“, порачува.

Лојални граѓани

Досега ниту еден од наведените случаи не е санкциониран. Кај директорот на прилепската гимназија, Државниот образовен инспекторат не најде ништо погрешно. Во другите случаи немаше отворено постапка.

Единствено граѓаните, со онлајн петиција која досега ја потпишаа повеќе од 4.300 луѓе, побараа санкции за една од професорките која објави коментар полн со говор на омраза на социјалните мрежи.

Од Инспекторатот не одговорија на нашите прашања. Во својата последна изјава на оваа тема, министерот за образование Пиштар Лутфиу изјави дека оваа институција, задолжена за контрола над образованието, треба професионално да ја извршува својата должност и политичките притисоци да се остават настрана.

На последното меѓународно ПИСА тестирање, македонските 15-годишници, меѓу врсниците од 72 држави, се најдоа на последните четири места според резултатите од природни науки, математика и читање. Резултатите не се подобри ни на другите меѓународни тестови.

Политичката индоктринација е тешко да се регистрира. Во недостатокот на институционална анализа, може само да се претпостави опсегот на проблемите во македонското образование. Она што е јавно достапно и што неодамна исто така предизвика јавен револт, се многубројните спорни содржини или илустрации во последните изданија на учебниците.

„Лојалните граѓани ги почитуваат оние кои се на власт во општеството. Тие се секогаш подготвени да ги следат правилата и прописите во општеството, и по цена да мораат да се откажат од своите слободи“. Ова го читаат учениците од осмо одделение во учебникот за предметот Граѓанско општество, а кој властите го одобрија во 2010 година.

Пишува Даниел Евросимоски за Ал Џазира Балканс