Македонците во Албанија имаат апсолутно право да се попишат онака како што се чувствуваат, како Македонци

Сподели

 

На новинарско прашање во врска со притисоците врз македонското население на пописот во Република Албанија, министерката за одбрана Славјанка Петровска истакна дека Македонците кои живеат во Албанија имаат апсолутно право да се произнесат онака како што се чувствуваат, односно да се произнесат како Македонци.

„Прашањето на самоопределување на секој еден граѓанин без разлика на која територија се наоѓа е една од темелните европски вредности. Македонците во Албанија имаат апсолутно право да се произнесат онака како што се чувствуваат односно да се произнесат како Македонци. Всушност една од заложбите за кои интензивно разговараме изминатиов период е процесот на Европска интеграција на нашата држава. Една од целите кои сакаме да ги постигнеме со европската интеграција, е дека сакаме многу скоро откако тој процес ќе заврши, а Република Северна Македонија ќе стане членка на Унијата, македонскиот пасош да биде европски пасош за понатаму граѓаните да не чувствуваат било какви притисоци или да не бидат задолжувани за одредени бенефиции попишувајќи се како различна национална припадност од тоа што тие се чувствуваат. Така што, интересите за граѓаните на Република Северна Македонија или за нејзините припадници без разлика каде живеат, повторно ќе кажам, се докажуваат со реални постапки а не само со говори“, рече Петровска.