Малопродажба со барање за економски мерки за борба против последиците од COVID-19

Сподели

 

Претставниците на деловните субјекти во секторот Малопродажба во Република Северна Македонија, се обратија до Владата со анализа на состојбите во малопродажбата и предложија економски мерки за спречување социјални кризи и масовни отпуштања.

Со оглед на прогласената Вонредна состојба на целата територија на Р. Северна Македонија како последица на опасноста од ширење на заразата од вирусот Корона- КОВИД 19, како и претходно донесената Одлука на Владата на Р. Северна Македонија на седница одржана на 14.03.2020 година за активна мерка за затворање на сите продавници во малопродажниот сектор во Северна Македонија, истиот претрпува огромни загуби и штети во своите бизниси.

 

НЕГАТИВНИ ВЛИЈАНИJА И ЗАГРОЗУВАЊЕ НА МАЛОПРОДАЖБА СО МОДНИ И СПОРТСКИ ТРГОВСКИ МАРКИ

Мерките за управување со кризи за превенција и справување со појавата и ширењето на Коронавирусот COVID-19 на дел од територијата на Република Северна Македонија и одлуката да се затворат за посетители сите продавници во затворените трговски центри (шопинг молови) на територијата на Република Северна Македонија, донесена на 14-ти март, директно има влијание на ликвидноста на работењето на компаниите со дејност трговија на мало со текстилни производи и обувки во специјализирани брендирани продавници.

ОСВРТ НА МАЛОПРОДАЖНА МРЕЖА

Само на територијата на Скопје егзистираат повеќе од 300 специјализирани продавници на текстилни и спортски модни марки, вклучувајќи ги и модните марки за обувки.

Паричните текови реализирани преку малопродажбата ќе изостанат со што се намалуваат и приливите во државните буџети по основ на даноци.

Многумина од овие продавници се спречени да ја обавуваат дејноста како резултат на мерките за криза и превенција и директно е загрозен работниот однос на преку 3.800 вработени.

Доколку се изработи анализа на дополнителни специјализирани продавници низ Македонија, бројките се двојно повисоки.

Организацијата на компаниите е од комплексен тип и вклучува ангажман не само на вработени во продавниците и структура на вработени во компанијата, туку напротив, има и дополнителни сектори од сегментот на транспорт, логистика, трговски центри и финансиски институции, кои  се непосредно изложени на негативниот ефект од нефункционалноста на продавниците.

 

 

 

ПРОБЛЕМИ НА ЛИКВИДНОСТ НА МАЛОПРОДАЖБАТА

Намалување на оптекот на парични средства како резултат на неработење на продавниците ќе влијае на ликвидноста на компаниите и во неможност на сервисирање на долгувањата ќе резултира со масовно затворање на продавниците и отпуштање на вработените.

ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА КОРПОРАТИВНИТЕ ДОЛГУВАЊА

Компаниите во малопродажната дејност се соочуваат со специфика за набавка на роба базирана на сезонски планови и основа од увоз (кои подложат на дополнителни царински давачки) и домашни добавувачи. Испораките на таа роба се реализираат во периодот од јануари до март  2020-та, со што корпоративните долгувања на компаниите се зголемени и во услови на затворени продавници неможно е да се продаде стоката и да се сервисираат долгувањата.

НЕМОЖНОСТ НА ИСПЛАТА НА ЛИЧНИ ДОХОДИ И ПРИДОНЕСИ

Како резултат на неактивност и затворање на продавниците кои претставуваат основен прилив на тековни парични средства и при зголемени корпоративни долгувања, компаниите нема да бидат во можност да исплатат плати на вработените и ќе се доведе во прашање основната егзистенција на вработените.

НЕМОЖНОСТ ЗА ПЛАЌАЊЕ НА ЈАВНИ И ЦАРИНСКИ  ДАВАЧКИ

Актуелната состојба ќе се рефлектира негативно на актуелното работење  и ќе се доведе во прашање неможноста на понатамошното функционирање и плаќање на јавните и царинските давачки и обврски.

НЕМОЖНОСТ НА ИСПЛАТА НА КАМАТИ И КРЕДИТИ

Голем дел од компаниите подлежат на кредитни задолжувања и во услови на нефункционалност на нивната примарна дејност се доведува во прашање можноста за исплата на месечните обврски по основ на камати и кредити што непосредно ќе бидат зголемени со оглед на актуелната состојба.

НЕМОЖНОСТ ЗА СЕРВИСИРАЊЕ НА ТРОШОЦИТЕ КОН ТРГОВСКИТЕ ЦЕНТРИ И ДОМАШНИ ДОБАВУВАЧИ НА РОБА И УСЛУГИ

Неработењето создава огромна неможност за сервисирање на трошоците кон трговските центри кои се законска основа согласно договорите за закуп. Поради затворањето  на трговските центри и периодот на неактивност на продавниците ќе се доведе до разгледување на опцијата за раскинување на договорите за соработка и затворање на продавниците.

Обврските за наплата по испорачана стока или услуги од домашни добавувачи нема да бидат навремено подмирени, што ќе доведе до прекин на договоритеза соработка помеѓу домашните добавувачи на роба и услуги.

МОЖНИ МЕРКИ ЗА ЗАШТИТА НА ПРИВАТНИТЕ БИЗНИСИ ВО МАЛОПРОДАЖБАТА НА ТЕКСТИЛ И ОБУВКИ

За надминување на моменталната состојба треба да се имплементираат низа економски и финансиски мерки кои треба да овозможат конкретна помош на приватниот сектор. Особено во услови кога примарната дејност и прилив на тековни парични средства е стопирана. Потребно е да се разгледаат погоре наведените проблематики и соочувања во малопродажбата на текстил и обувки коишто функционираат долги години и помагаат во економскиот раст и развој на Република Северна Македонија. Замолуваме да се донесат низа на одредени економски мерки за овој тип на дејност за периодот кој што следи. Согласно донесените мерки придонесот ќе биде да се овозможи одолжување на побарувањата, функционирање и опстанок на компаниите од споменатите дејности. Кризата низ која поминуваме остава сериозни последици, па сега е потребна конкретна помош од Владата со дополнителен сет мерки за компаниите од нашата дејност. Во овој момент, би требало да се разгледаат и опциите со замрзнување на кириите, особено во следните месеци, бидејќи веќе одреден период не функционираат најголем дел од продавниците, а со оваа мерка и режиските трошоци кон сопствениците на објектите. Укинување на некои од споменатите трошоци во овој момент мора да е приоритет, за повторно да можеме да функционираме нормално, а притоа никој, особено нашите вработени, да не трпат последици. Моменталната ситуација сериозно се одразува на нашите бизниси, па поради тоа е потребна итна реакција за да се ублажат тешките моменти што доаѓаат. Подеднакво важни се и стимулативните пакети за поддршка на бизнисите во овој момент, како и укинувањето на царинските трошоци во периодот што следи. Донесувањето на конкретни мерки што ќе помогнат на бизнисите во нашата дејност, во иднина треба да биде приоритет на државата за заштита на домашната економија. Овие протекционистички мерки во кризниот период не се ништо повеќе од нормален тек на работите што ќе придонесат за побрзо закрепнување на нашата економија како и економски раст и просперитет после пандемијата наречена Ковид – 19.

БАРАЊА ЗА ЕКОНОМСКИ МЕРКИ ЗА НАДМИНУВАЊЕ НА ПОСЛЕДИЦИТЕ КАКО РЕЗУЛТАТ НА НЕМОЖНОСТ НА ОБАВУВАЊЕ НА ДЕЈНОСТА ТРГОВИЈА НА МАЛО

Сет мерки предложени од секторот Малопродажба:

  • Бескаматни позајмици-кредити и обезбедување фонд од 85 милиони Евра во кои би бил вклучен секторот малопродажба;
  • Бескаматни позајмици за помош на приватни компании со дејност трговија со специјализирани продавници на трговски марки до 2 милион Евра со период на отплата на 36 ануитети;
  • Замрзнување на кредити и отплата на кредитни задолженија во период од шест месеци- оваа мерка веќе неколку членки на Европската унија ја одобрија-Р Словенија е една од нив;
  • Субвенции односно партиципација во нето плата  во износ од 100%;
  • Ослободување од плаќање на пензиско осигурување и придонеси за времетраење на кризните мерки;
  • Замрзнување на отплата на ДДВ на период од шест месеци;
  • Поврат на средства за платена царина на стоки која е веќе набавена, а е наменета за продажба од декември 2019 година до март 2020 година;
  • Ослободување од плаќање на царински давачки за стоките кои ќе бидат наменети за продажба во новата колекција пролет – лето 2020 година;
  • Ослободување за плаќање царински давачки за актуелни увози со статус “пристигната роба со статус SS20“ нецаринета и лоцирана во царински складишта.

Со прифаќање на дел или сите од овие мерки ќе овозможите да се даде шанса на компаниите да ги надминат предизвиците кои следат, да продолжат со своето работење и редовно сервисирање на обврските кон државата и секако најважната обврска за сите да се анулира или минимализира моментот на отпуштање на вработени кој никој не го посакува.

Доколку Вашата помош изостане, во тој случај финансиските тешкотии кои произлегуваат од неактивност во продажбата и со кои ќе се соочат компаниите ќе бидат големи и тоа Отпуштање на работниците чија бројка ќе изнесува сигурно над 7- 8.000 работници, заради неодржливоста на бизнисот и неможноста за опстанок на работодавачите – се наведува во обраќањето на Претставниците на деловните субјекти во секторот Малопродажба засегнати со затворањето на малопродажните објекти.

 

denesmagazin.mk