Владата во текот на оваа недела ќе излезе со детален извештај за сите вработувања, но и за вкупниот број на вработени во јавниот сектор, изјави Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.
– Во текот на оваа недела, многу побрзо од предвидениот рок ќе доставиме детална информација за сите вработувања. Ќе се види дека се создава фама околу нешто што апсолутно е согласно закон и не постои никакво гломазно вработување, но исто така ќе излеземе и со детална информација за сите незаконски, илјадници незаконски вработувања во периодот од распишувањето на парламентарните избори до креирањето на новата Влада, како и со многу детален извештај за, можам да кажам, измамата околу вкупниот број на вработени во јавниот сектор, изјави министерот Манчевски одговорајќи на новинарски прашања при промоцијата на новата инвестиција во InPlayer.
Во врска со поставувањето нови кадри на клучни позиции во власта, рече дека има доволно време и оти она што го прави новата Влада е да ги постави соодветните кадри, а не, како што рече, насилно поставување кадри на одредени позиции.
– Она што за разлика од претходната влада го правиме, не се случува во еден ден со насилно поставување на кадри на одредени позиции, туку навистина ги наоѓаме соодветните луѓе коишто треба да ги исполнат соодветните услови за да може соодветно да одговорат на задачите. Но, апсолутно не очекувам никаков проблем и тоа во многу брзо време ќе биде завршено, рече Манчевски.