Другарот на Таксират, Password Production, Скопје и Македонија, се враќа со настап: MANU CHAO Acoustic на 26 септември во МКЦ!
Првите 200 билети со цена 700 денари се распродадени. Актуелната цена на билетите во продажба е 800 денари, во продажните места на МкТикетс: https://www.karti.com.mk/etickets/TicketList.aspx…
Ману Чао е револуционерно продорен и подеднакво мирољубив музичар, пејач, гитарист, текстописец, полиглот, патник и активист. Француско-шпанскиот уметник е култно име на бунтовната музика и еден од најважните гласови на музиката на светот кој спојува различни култури и влијанија, панк, рок, ска, реге, салса и традиционални песни во кои го пренесува пркосот кон предизвиците на денешниот свет; од имиграција до консумеризам и глобализација. Тој го започна латинското алтернативно движење во 80-тите и ги надмина музичките стилови и географските граници во неговата музика. Од основањето на првата група Мано Негра во 1987 година до денес, Ману Чао е уметникот кој ги наполни дури и најголемите стадиони ширум светот, продаде милиони албуми и сними безброј хитови кои се искачија на врвот на топ листите, особено во земјите од Европа и Латинска Америка, како што се Clandestino, Bongo Bong, Me Gustas Tu, Mala Vida и многу други. Без разлика дали тој настапува со Mano Negra, Radio Bemba или La Ventura, атмосферата и енергијата на неговите концерти се практично неспоредливи.
Овој пат, пред својата публика се враќа во акустична постава. Заедно со гитаристот Лусијано Едуардо Фалико и долгогодишниот музички партнер, перкусионистот Филип Тебул (познат како Гарбансито, член на Mano Negra и Radio Bemba), Ману сега патува со најинтимните концерти во својата кариера, без ѕвездени статуси, без толпа од стотици илјади и по правило во мали концертни простори кои веднаш се распродаваат.