МАНУ: Секаде постои само една национална академија која ја претставува државата

Сподели

Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) тврди дека за политичките партии и нивните влијанија никогаш немало место во неа. Во соопштението потпишано од Претседателството на МАНУ, се вели дека отсекогаш била отворена за сите граѓани кои ги исполнуваат високите научни и уметнички критериуми за членство во неа, независно од етничката, верската и каква било друга припадност.

“Во државава како и секаде во регионот и во светот постои само една национална академија. Македонската академија за науките и уметностите отсекогаш била отворена за сите граѓани кои ги исполнуваат високите научни и уметнички критериуми за членство во неа, независно од етничката, верската и каква било друга припадност. За политичките партии и нивните влијанија никогаш немало место во неа. Од нејзиното основање до денес, во Академијата членови биле припадници на македонскиот народ, но исто така и на сите етнички заедници. Меѓу другите, во последната декада во составот на МАНУ имаше четири члена од албанска етничка припадност (од коишто во трите последователни раководства еден беше научен секретар, а двајца потпретстедатели на Академијата, од кои еден е во актуелното раководство), како и три члена надвор од работниот состав, соопшти Претседателството на МАНУ.

Премиерот Христијан Мицкоски, пак, е дециден дека ја имаме Македонската академија на науките и уметностите, во чии рамки се собрани научниците од различна етничка припадност и треба, вели, да работиме во насока на збогатување на научната мисла и оти иднината не е во поделби, туку во обединување.