Во врска со вчерашната трагедија во Велес каде во пожар изгореа три деца, од Првата детска амбасада во светот Мeѓаши изразија најдлабоко жалење за изгубените млади животи и бараат одговорност.
„Сакаме да напоменеме дека ова не е прв случај од ваков вид и дотолку повеќе се прашуваме до кога ќе се чека заедницата да се мобилизира, особено Министерството за труд и социјални работи и во неговите рамки Центрите за социјални работи? Одговорност бараме пред се од Центарот за социјална работа во Велес бидејќи семејството било евидентирано и користело социјална парична помош, стручните служби требало да увидат дека е потребна дополнителна поддршка за пружање адекватана родителска грижа на децата. Особено што живееле во супстандардни услови, без струја и вода.
Родителите растргнати во обезбедување егзистенција за децата и нивните потреби, не секогаш имаат време, капацитети и можности за квалитетно родителствување. Децата често се оставани сами на рана возраст, во несоодветни и опасни услови и тука најчесто потфрлуваат и родителите и државните служби.
Како една од потребните мерки веќе подолго време Детската амбсада Меѓаши предлага ранливите категории деца задолжително да бидат вклучени од најрана возраст во градинки со обезбедени бенефиции од државата за да се овозможи правилен раст и развој на децата. Бараме од Центрите за социјална работа да имаат увид во семејствата кои живеат во супстандрадни услови, како и семејства под други ризици, постојано да ги јакнат капацитетите на родителите за остварување квалитетно родителско право таму каде што е тоа потребно и да се следи развојот“ – наведуваат од Детската амбасада Меѓаши.
Одземањето на родителското право и сместувањето во згрижувачко семејство треба да бидат крајни мерки, додаваат во реакцијата.
Во Велес денеска е прогласен ден на жалост поради трагедијата што се случи пред два дена во која во пожар изгореа три деца.