Народниот правобранител на Република Македонија, Иџет Мемети, изјави дека на територијата на Република Македонија, во делот на границата со Србија сѐ уште има мигранти за кои, како што рече, има загрижувачки информации во однос на проблемите со кои тие се соочуваат и дека се потенцијални жртви на секаков вид на насилство“, јавува Anadolu Agency (AA).
Мемети информираше дека води истрага за случајот на поголема група мигранти за кои беше речено дека во рамките на договорот за реадмисија се вратени во Грција.
„Водам многу тешка истрага во однос на гласините во јавноста дека во еден ден, поголема група мигранти биле одведени од транзитните центри, за што ни беше речено дека тие со договор за реадмисија се вратени во Грција. Како институција, имаме големи сомнежи дека не се случи реадмисија, туку се случи незаконит прогон, спротивно на законот и спротивно на Конвенцијата за бегалците, но ќе истраеме до крај за да го истражиме случајот. Затоа што за реадимисија има јасно предвидена продецура како тоа се врши. По завршувањето на постапката, јавноста ќе биде навремено информирана“, истакна Мемети.
На 9 февруари годинава, вкупно 49 бегалци од тразитниот центар за бегалци во Табановце, во близина на македонската северна граница, се однесени во Грција преку редовниот граничен премин.
Министерството за внатрешни работи на Република Македонија тогаш соопшти дека на граничниот премин „Богородица“, на грчките надлежни органи им се предадени 49 лица (42 државјани на Сирија и 7 државјани на Ирак) и дека се работи за реадмисија.
„Целокупната постапка за реадмисија, која е започната во септември 2016 година, реализирана е согласно Договорот меѓу Европската Унија и Република Македонија за преземање на лица со незаконски престој, а предавањето на лицата е реализирано по претходно добиен позитивен одговор од грчка страна за нивно прифаќање, во време и на место одредени од страна на грчките надлежни органи“, се наведува во соопштението од МВР.
Во врска со овој случај, од канцеларијата на УНХЦР во Скопје, во писмено соопштение се наведува дека според информациите што ги имаат тие, до 49 лица, од кои повеќето пристигнале во Македонија пред затворањето на границите, полицијата ги качила во автобус и биле однесени во Грција преку редовниот граничен премин.
Поради овој настан, од УНХЦР изразија загриженост за состојбата на бегалците.
„Претставништвото на УНХЦР во Скопје не беше однапред информирано за таквата одлука на властите. Повеќето се семејства, а во нив има и новороденчиња. УНХЦР е загрижен дека дел од луѓето немаат лични документи со себе поради тековната постапка за регистрација на новороденче. Исто така, едно од семејствата е во процес на семејно обединување со останатите членови во земја од Европската Унија“, соопштија од УНХЦР.
Од канцеларијата на УНХЦР во Скопје велат дека во моментов, на територијата на Република Македонија има вкупно 41 бегалец, од кои 16 се сместени во транзитниот центар за бегалци во Табановце, 9 се во прифатниот центар за бегалци „Винојуг“ во Гевгелија, три лица се во Визбегово и 13 се сместени индивидуално.