Меморандум за соработка на МОН и Црвениот крст за едукативни програми во основните и средните училишта

Сподели

 

Реализација на програми од областа на психосоцијална поддршка, едукација по прва помош, здравствено – превентивни активностикрводарителство, социјално  хуманитарни активности, подготвеност и одговор при катастрофи, промовирање на волонтерството меѓу младите во образовните установи, предвидува новиот меморандум за соработка помеѓу Министерството за образование и наука и Црвениот крст на Република Северна Македонија, кој денеска го потпишаа министерот Јетон Шаќири и генералниот секретар на хуманитарната организација, Саит Саити.

Во своето обраќање министерот Шаќири изрази задоволство што соработката со Црвениот крст продолжува и во иднина, очекувајќи преку заеднички активности да биде поттикнат интересот на кај младите луѓе да извршуваат благородни улоги и мисии во општеството.  

 

 

„Продолжуваме да се заложуваме за создавање човекољубци, хумани луѓе, љубители на животни, заштитници на средината, на природата и така натаму, кои колку повеќе ги има, толку државата станува посилна и подобро место за живеење. Колку повеќе се развива чувството за хуманост кон другите луѓе и кон средината, толку се намалува веројатноста за несакани ситуации, последици и страдања“ рече Шаќири, додавајќи дека државата го димензионира образовниот систем во насока да ги шири вистинските човечки, етички и морални вредности, а токму Црвениот крст е еден од најголемите партнери во остварувањето на целта.

 

 

За време на потпишувањето на меморандумот беа соопштени и резултатите од едукативната кампања за давање прва помош која беше спроведена во текот на оваа учебна година, а беа опфатени над 25 илјади основци и средношколци.