Милановиќ: Во Бугарија се навикнале да ја шутираат Македонија, а тие играат примерно и по правила

Сподели

 

“Во Бугарија се навикнале да ја третираат Македонија како некој што го шутираш од страна, тоа не е в ред. Тие играат примерно и по правила, ги исполнија сите демократски правила што можете да ги замислите. Се покорија на грчките барања, ги примија во друштвото на мртвите поети, но овој услов на Бугарија е премногу. За некои работи треба јавно да се проговори. Македонија е жртва во случајот”, порача хрватскиот претседател Зоран Милановиќ вчера, јавува index.hr.

Давајќи ја втората изјава во една седмица во која цврсто застанува на страна на Македонија, Милановиќ вчера на одбележувањето на 19-та годишнина од формирањето на Штабот за поддршка на хрватските вооружени сили, повторно пркосно ги бранеше македонските позиции во спорот со Бугарија за историјата, што е посебно важно бидејќи само ден претходно бугарското МНР ја повика хрватската амбасадорка на разговор поради изјавата на хрватскиот претседател во понеделникот по самитот во Брдо кај Крањ, кога рече дека Северна Македонија е во невозможна позиција заради една земја членка на ЕУ. Тој не ја спомна Бугарија по име, но беше јасно за кого зборува.

Исто така, изјавата на Милановиќ дојде само еден ден откако во нова мисија за наоѓање решение за спорот поради кој Бугарија ја блокира Северна Македонија, во Софија и во Скопје доаѓаат еврокомесарот за соседство и проширување на Европската унија, Оливер Вархеи и португалскиот министер за надворешни работи, Аугусто Сантош Силва. Португалија во моментот претседава со ЕУ.