Министерството за правда подготви измени и дополнувања на Законот за правда за децата со цел да го усогласи со Законот за бесплатна правна помош во делот на регулирање на постапката за одобрување или неодобрување на барањето за бесплатна правна помош пред Центарот за социјални работи.
Со новиот Закон за бесплатна правна помош е уредено одредбите од ова законско решение да не се применуваат во обезбедувањето на правна помош на дете, туку ќе се применуваат одредбите од Законот за правда за децата. Министерството за правда врши само исплата на доставениот трошковник и потребните документи од страна на адвокатот кога се работи за правна помош на децата во постапките пред центрите за социјална работа и Министерството за внатрешни работи согласно одредбите од Законот за правда на децата.
Со предложените измени и дополнувања е прецизирано Центарот за социјални работи да е надлежен да носи решение за одобрување на бесплатна правна помош за заштита на правата на децата во постапка пред Центарот каде што е задолжително присуството на адвокат.
Исто така, се уредува и постапката за одобрување на барањето за бесплатна правна помош од страна на центарот и начинот на постапување на адвокатот во врска со наплата на надоместокот пред Министерството за правда.
Прецизирано е дека Центарот за социјални работи е надлежен да носи решение за одобрување на бесплатна правна помош за заштита на правата на децата во постапка пред Министерство за внатрешни работи каде што разговорот со детето задолжително се води во присуство на неговиот бранител и родители/от, односно законскиот застапник.
Со измените ќе се уреди и постапката за одобрување на барањето за бесплатна правна помош од страна на центарот и начинот на постапување на овластеното службено лице на Министерството за внатрешни работи и адвокатот во врска со наплата на надоместокот пред Министерството за правда.
Воедно, со законските измени и дополнувања се врши и усогласување со Законот за прекршоците каде висината на глобите за прекршоците сторени од страна на физичките лица е драстично намалена и се определува кој надлежен орган води прекршочна постапка и кој изрекува прекршочна санкција.