Се подигнува степенот на подготвеност за превенција од и справување со евентуални заболени од корона вирусот. Заради новонастаната состојба со корона вирусот и проширувањето на вирусот во областите Ломбардија, Венето и Емилија-Ромања во Италија, утрово одржавме состанок со Комисијата за заразни болести на која се констатираше дека степенот на подготвеност се подигнува на повисоко ниво.
Комисијата донесе нови, зајакнати мерки за превенција од и справување со евентуални заболени, кои дополнително ќе бидат координирани на денешниот состанок со Центарот за управување со кризи (ЦУК) во Министерството за внатрешни работи, закажан за 17 часот. Првичните заклучоци од состанокот на Комисијата за заразни болести се дека се засилува контролата на сите гранични премини и на двата аеродроми во земјата.
На граничните премини се отстапуваат посебни простории каде ќе бидат интервјуирани сите патници кои доаѓаат од ризичните дестинации и ќе се врши првичен скрининг на нивната здравствена состојба. На Скопскиот аеродром, термалната камера се поставува на локација од која ќе се следат сите патници кои пристигнуваат, а не како досега само патниците од Дубаи и Истанбул. Со безконтактен пиштол за мерење на телесната температура ќе се прави скрининг на патниците кои ќе пристигнат на од ризични дестинации и на аеродромот во Охрид.
Доколку се јави потреба, Инфективната клиника во Штип ќе функционира како објект за изолација. Тестирањата на сомнителни случаи ќе се вршат на Инфективните клиники во Скопје и во Куманово. Во земјава има доволно реагенси за тестирање на корона вирусот.
Апелираме до граѓаните во целост да ги почитуваат превентивните мерки за заштита:
• Да се воведе дополнителна заштита на храната – да не се консумира храна направена од болни животни;
• Да се воведе дополнителна заштита при подготовка на храната – да се користат различни садови и ножеви за подготовка и сечкање на сирова и да се мијат задолжително рацете после секоја подготовка на храна. При подготовка на месо и јајца истите убаво термички да се обработат;
• Да се воведе посебна заштита при работа на отворени пазари – задолжително носење заштитни опрема, ракавици, маски и мантили додека се извршуваат работи со животни или производи од животинско потекло, по употребата целата опрема да се извади и да се пере секојдневно. Да се внимава да се заштити семејството од неиспрана работна опрема;
• Да се штити населението од настинки – да се избегнува незаштитен контакт со болни (вклучувајќи и допир на уста, нос и очи), како и незаштитен контакт со домашни или диви животни.
• Задолжително и често миење на раце – и кога не се видливо нечисти да се мијат рацете со сапун и вода или да се користи чистач за раце кој содржи алкохол;
• Заштита на останатите од заболување – при кашлање или кивање да се заштити устата и носот со марамче или со дланката. По употреба марамчињата да се фрлаат во затворени канти. При кашлање или кивање, како и при грижа за болни задолжително да се мијат рацете.