МИСЛЕЈЌИ ГИ ПАРТИЗАНИТЕ (2) – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели

litovski-foto

Мислејќи на партизаните сфаќам дека под овој наш циркуски шатор со безброј досадни и неинвентивни кулиси од цркви, манастири, параклиси, џамии, теќиња…, впрочем како и насекаде низ светот, поимот „задгробен“ е најопасниот непријател на човечката памет, на човечкото достоинство, на човечкиот живот и, истовремено, и битен мотив во демагогијата на сите десничарски лажни моралисти… Насекаде обичните верници на колена се молат и плачат и редовно за тоа плаќаат, а политичките десничари обвиткани во религиозен фундаментализам, и со нив папочно поврзаната свештеничка каста, ги инкасираат нивните молби, солзи и, секако, нивните пари. Впрочем и имаат право на тоа. Во капитализмот, за секоја услуга се плаќа, зарем не?

Мислејќи на партизаните сфаќам дека нашиве мафијашки демохристијани со својата хистерија во борбата против „комунизмот“ и „комуњарите“, „безбожништвото“ и „вулгарниот материјализам“, „антипатриотите“ и „предавниците“ не само што го испоганија и секојдневно го убиваат споменот на антифашистичката борба, туку се јавуваат како претставници на провинцијално-капиталистички месијанизам, па освен што проповедаат дека нивната, наводно, „античка раса“ е надраса од која потекнува сето човештво, проповедаат и дека нивниот сегашен „владетел“ е најголемиот македонски „владетел“ од „царот Самуил до денес“. И тоа е, сосема сигурно, ретко изустен и запишан абдеритизам.

Мислејќи на партизаните сфаќам што значи доследност, принципиелност, држење до сопствениот збор, чување на сопствениот образ… Со еден збор, што значи вистински, исправен, хуманистички – морал! И веднаш, се сеќавам на оние реминисценции на големиот Меша Селимовиќ за Аркадиј Р. За тој, како што пишуваше Селимовиќ „чуден човек, сосема чуден човек“, кој „никогаш не го сфатив потполно, не се согласував често со него, ама секогаш го почитував. Ја почитував, всушност неговата доследност, толку крута, непопустлива, самоубиствена, што понекогаш ја сметав за лудост. Па сепак, мислам на него со воодушевување.“ А како поинаку може да се мисли Доследноста, освен со крајно и незадржано почитување?! Токму таквата доследност го прави Човекот човек и ја дава смислата на човечкиот живот на ова трето камче од Сонцето.

Значи, мислејќи на партизаните, го мислам Аркадиј на Меша Селимовиќ, оној Аркадиј кој „беше одличен ученик, одличен беше во сè, покултурен од своите врсници, поозбилен, порешителен, понемирен…“ и кој уште од гимназиските денови „лежел во затворот како комунист и уште од тогаш боледувал од туберкулоза.“ Мислејќи ги партизаните мислам, и јас како Меша, токму на оние како Аркадиј кои за време на Втората светска војната се бореа или темникуваа низ фашистичките затвори. Мислам на Аркадиј кој од усташките органи на прогон беше страшно измачуван, но „пркосеше и на секое прашање на усташите за своето политичко уверување одговараше дека е комунист и дека Црвената Армија е најдобра и најјака војска на светот.“ Го испитуваа Аркадиј низ разни соби, најчесто на последниот спрат од неколкукатната зграда и „толку многу го теапаа што тој паѓаше во несвест, а усташите го влечаа за нозе низ скалите, а главата, како мртва, му удираше по бетонот.“ При секое враќање во затворската ќелија цел беше со „рани, како солупен, со трагови од чизми по целото тело, потполно немоќен, лежеше искршен, едвај дишејќи со слабите гради.“ И секогаш одново, скоро мртвиот, Аркадиј – воскреснуваше! И замислете, откако „полека ќе се дигнеше… прозборуваше како во транс“ и ги „говореше стиховите од песната ‚Ќелија‘ на (Оскар) Давичо: ‚Јас не крадев, јас не колев/за слобода јас се борев/за слобода поголема, за човечка среќа/за живот за кој сум сонувал…‘ И после неколку дена, фашистите повторно го одведуваа и сами избезумени од неговата упорност, и сè се повторуваше, и гордоста, и смртоносниот ќотек, и влечењето за нозе низ четири спрата, и мразалницата, и враќањето во нашата ќелија, и насмевката со која не поздравува врајќајќи се од смртта.“