Мицкоски: Денеска ќе биде врачен демарш на амбасадорот на Бугарија

Сподели

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, во врска со непоставувањето на македонското знаме во Бугарија, изјави „во минатото кога се понижуваше и распродаваше достоинството македонско, тогаш се молчеше, се виткаше кичма и се соблазнуваа со тие коишто нè понижуваа и газеа. Сега се решаваат работите на овој начин, дипломатски, се испраќаат протесни ноти и нема повеќе да имаме политика меѓународна, ниту пак дипломатска со свиткана кичма“. 

Тој е истакна дека кога ќе се помине црвената линија, тогаш треба да се реагира.  

„Тогаш кога ќе се помине Рубиконот, кога ќе се помине црвената линија, тогаш треба и да се реагира, зошто вие ако не реагирате тој исклучок потоа ќе стане пракса,“ подвлече премиерот Мицкоски и додаде: 

„Но, она што е поважно за мене е што Европа и светот можеа да видат на отворена сцена, а тоа го очекувавме, кои се вистинските намери на водството во Софија. Не се вистинските намери Бугари во Устав, тоа е најмалиот проблем, таму малку поголема или да бидам прецизен, многу поголема е потребата да покажат мускули и да ги покажат своите вистински намери. Уште еднашка, Европа и светот можеа да видат дека не е Бугарите во Устав вистинската намера на официјална Софија, туку многу многу повеќе од тоа“.

„Ние сме подготвени секогаш на добрососедските односи со добрина да возвратиме но, оној пат кога ќе видиме дека се поминати црвените линии, Рубиконот тогаш ќе мораме да интервенираме и денеска ќе биде тој демарш, практично врачен на амбасадорот на нашиот источен сосед,“ дециден е претседателот на Владата Мицкоски.

На прашањето зошто македонската дипломатија не реагираше таму во Софија, каде имаше министри и претседател на држава, претседателот на Владата Мицкоски одговори: 

„Па имаше реакција од Кабинетот на претседателката и мислам дека тамо стоеше многу јасно зошто тој ден не е реагирано, во интерес на почитта кон загубените трагични животи на пилотите коишто загинаа тој ден во Бугарија. Не сакавме да создаваме тензија но, добро е што и денеска се реагира, на овој начин. Порано, знаете, не ни пречеше што се виткаше кичмата и што се бакнуваа чевлите на нашите соседи и се молчеше. Тогаш не ни пречеше, и тогаш ни беше убаво и тоа беше европска вредност, а сега кога реагираме, зошто реагираме. Еве затоа реагираме и ќе реагираме. Можеби утре ќе реагираме и задутре, секогаш кога ќе биде помината црвената линија ќе реагираме, секогаш, тоа да бидете сигурни. Немаме никогаш повеќе намера да ја виткаме кичмата на македонското достоинство. Тоа треба на секој да му е јасно. Ние сакаме да градиме добрососедски односи, но тоа е двонасочна улица и како таква двонасочна улица ние планираме да ја чекориме. Ако некој мисли дека некому треба да чевлите да му ги бакнуваме и дека ќе молчиме и дека ќе продолжат понижувањата, тоа нема да се случи“.