МКЦ: Промоција на збирка поезија “КУФЕР” од Ерол Туфан

Сподели

 

На платото пред МКЦ, вечерва во 20 часот ќе биде промовирана збирка поезија од Ерол Туфан насловена „Куфер”. Промотори ќе бидат Лидија Капушевска-Дракулевска и Владимир Мартиновски
Модератор: Јулијана Величковска

Стихозбирката „Куфер“ од Ерол Туфан содржи триесетина песни, а збогатена е и со илустрации од Владимир Мартиновски. Во книгата се објавени и два пригодни поговора од проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска и од Силвана Димитриевска.

„Една од најважните карактеристики на творечкиот метод на Туфан во книгата ’Куфер‘ е способноста да го совлада поетскиот простор. Познато е дека, според мистичните својства на јазикот, секоја песна што сè уште не е напишана веќе има одредено поетско време… Гласот на силна чувствителност се провлекува низ целата книга; таа е исполнета со силни и впечатливи слики, кои вешто се прелеваат во смирена лирска рефлексивност настаната во највисокиот стадиум на уметничката зрелост на Ерол Туфан…“
Славе Ѓорѓо Димоски

„Целиот арсенал од значења ’спакувани‘ во книгата-куфер на Ерол промовираат една поетика на талкањето, во симбиоза со копнежот по слобода како врвен човеков и уметнички идеал. Книгата е збогатена со мошне инвентивни и оригинални илустрации на поетот и есеист Владимир Мартиновски.“
Лидија Капушевска-Дракулевска

„КУФЕР на Ерол Туфан е едно заокружено поетско патување во кое се испреплетуваат слики од минатото, размисли, идеи за светот во и околу нас, за нашата не/припадност во тој свет и нашата подготвеност да отпатуваме во исто време и таму некаде далеку и најблиску до себе. Во поетиката, дословниот куфер е метафора за постојаното патување, трагање по новото и непознатото, непомирување со секоја вкоренетост, закотвеност во едно место, но во една подлабока, филозофска смисла, куферот е нашето најдлабоко Јас, нашето себство…“
Силвана Димитриевска

ЕРОЛ ТУФАН (1959, Гостивар), поет, есеист, преведувач. Во 1992 година се иселил во Турција. Студирал право во Скопје и Конија. Работи како самостоен адвокат во Истанбул. Досега во Скопје на македонски ги објавил: книгата есеи Книгољубецот (2006 и повторно 2011), книгата поетски есеизации „Несоници“ (2020) и книгите поезија: „Балкански син“ (2013), „Камчето од Вардар“ (2016), „Ликовите во мене“ (2021). Двојазичниот избор од поезијата на македонски и турски јазик „Меланхолија/Melankoli“ (2020) објавена во Скопје. Изборите „Ерол трагом Ерола“ (2016) и „Књигољубац“ (2017) му се објавени во Србија. Ја приреди и во 2019 ја објави книгата „Компаративни поетики“, дел од богатата оставина на својот татко Музафер Туфан. Во Истанбул објавена му е стихозбирката на турски јазик „Hülya bitince“ (2021). Член е на Друштвото на писателите на Македонија, Удружење Књижевника Србије и на Турскиот вакуф на писателите.