Младинска мобилност: Искуството нема цена, а дружбатa останува за цел живот

Сподели

 

Искуството е она кое нема цена, а дружбата и пријателите остануваат за цел живот, вака студентот по архитектура Андреј М. Петровски го опишува престојот во Лион, Франција кој во март годинава бил реализиран преку Еразмус проектот „ИНТЕРВЕТ Западен Балкан“. Младиот претприемач Владимир Јовановски при својот неколку месечен престој во Измир, Турција, стекнал знаења за полесно развивање на бизнисот кој веќе го има, но ѝ му помогнал на претприемачот-домаќин за подобрување и проширување на целната група преку објавување на списание на различни јазици и знаковен јазик за да се допре до повеќе млади од маргинилизираните групи. Овие позитивни примери беа споделени на настан кој го организираше Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење во просториите на Europe House Скопје каде беше истакната важноста на мобилност која ја овозможуваат два Еразмус проекта: Еразмус за млади претприемачи и ИНТЕРВЕТ Западен Балкан.

 

 

“Младинската мобилност е неопходна за развој на претприемнички компетенции и зајакнување на учење засновано на пракса меѓу учениците, а севкупната меѓународна соработка и размена на знаење е особено важна за градење на капацитетите кај наставниот кадар”,  истакна проф. д-р Радмил Поленаковиќ, претседател на Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење, притоа повикувајќи ги учениците и наставниците максимално да ги искористуваат можностите за личен и професионален развој, кои ги нудат овие и други слични Еразмус + проекти.

Професорката од СУГС „Владо Тасевски“, м-р Весна Живаљевиќ истакна дека преку овие Еразмус проекти учениците се стекнаа со нови знаења, вештини и искуства и се запознаа со технолошките процеси на некои од светски познатите компании што им овозможува огромна предност во процесот на вклучување на пазарот на труд. Од друга страна пак, професорите разменуваат искуства за наставните програми во средното стручно образование и преку здобиената обука ги применуваат новите наставни техники и методи за работа во нашиот образовен систем.

 

 

“Следете ги отворените повици за мобилност и искористете ја шансата да стекнете вредно искуство надвор од границите на вашата земја, по што ќе ги пренесете стекнатите знаења на вашите ученици и соученици. Со Интервет Западен Балкан уште еднаш ја потврдуваме одличната континуирана соработка со земјите од Западен Балкан”, порача Лучила Морели, претставник од водечката организација на проектот Интервет, УНИСЕР, Италија.

Г-дин Лука Читарела од Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија истакна дека Еразмус програмата за периодот 2021-2027 е поинклузивна од кога било, опфаќајќи ги сите нивоа и видови на образование и обука, со главниот фокус кон социјална вклученост, зелена и дигитална транзиција, но и поголемо учество на младите во демократскиот живот.

Во претстојниот период, Националната агенција за европски програми и мобилност ќе организира повеќе настани со цел промоција на стручното образование и обука, особено преку идентификување и привлекување на стручни училишта кои досега не земале учество во Еразмус+, како и посебна кампања за градење капацитети за постоечките корисници.

“Европските компании се соочуваат со недостаток од квалификувана работна сила, а можеби токму стручното образование, обука и доквалификации се клучот за надминување на овој предизвик”, заклучи Емилија Петковска од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.