Могерини до Заев: Ако се спроведат реформите, ЕУ е подготвена да возврати

Сподели

Првата официјална дипломатска посета што се реализира во Брисел, заедно со министрите задолжени за реализација на надворешно-политичките приоритети на Македонија, ја покажува одлучноста на Владата на Република Македонија за забрзување на евроинтегративниот процес, изјавил премиерот Зоран Заев на средбата со високата претставничка за надворешна политика и за безбедност на ЕУ, Федерика Могерини.

– Во интерес на граѓаните на Македонија е иницијативата за нова динамика во евроинтегративниот процес. Нашата цел е до есен да обезбедиме доволен прогрес во клучните реформски области, со што ќе дадеме доволно аргументи на Европската комисија да презентира нов извештај пред земјите членки, со обновена препорака за почнување на преговорите за членство на Македонија во ЕУ – рекол Заев.

Тој на средбата рекол дека новата влада се залага за добрососедски односи и за регионална соработка, засновани на меѓусебно почитување и ја истакнал важноста на отворањето на поглавјата 23 и 24 од претпристапните преговори.

Могерини, како што се наведува во соопштението од кабинетот на премиерот, изразила цврста поддршка на реформските напори на новата Влада и најавила дека Македонија има силен сојузник во ЕУ при спроведувањето на реформите. Таа истакнала дека ако реформите бидат спроведени, Европската Унија е подготвена да возврати.

Заев, кој е придружуван од вицепремиерката и министер за одбрана, Радмила Шекеринска, вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи, и од министерот за надворешни работи, Никола Димитров, во Брисел ќе има средби и со претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, со еврокомесарот за проширување на ЕУ, Јоханес Хан, како и со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

meta.mk