Дали некогаш сте се чуделе зошто се чувствувате подобро откако ќе го гушнете вашиот партнер или зошто солзите престануваат да ви течат веднаш штом ќе ве прегрне вашата пријателка или сестра? Одговорот лежи во неверојатната моќ на прегратката.
Прегрнувањето е позитивна и исклучително топла форма на комуникација која пренесува љубов, приврзаност, благодарност, закрила, пријателска грижа, родителска поддршка, охрабрување…
Како и секоја снегулка, така и секоја прегратка е различна – се состои од различна доза допир и буди уникатни емоции. Прегратките испраќаат и различни пораки – може да велат„Здраво“, „Ми недостигаше“, „Те поддржувам“, „Те сакам“, „Ти благодарам“… Но, секоја искрена прегратка носи и куп бенефиции, и за оној што прегрнува, и за оној прегрнатиот.
ПРИДОБИВКИ ЗА ЗДРАВЈЕТО
Прегрнувањето често е нарекувано „чудотворен лек“, затоа што има позитивно влијание врз здравјето. Прегратките обично траат околу 3 секунди, но според некои експерти, здравата прегратка треба да трае околу 20 секунди. Еве кои се здравствените придобивки од прегрнувањето:
- Редуцирање на стресот.Дали некогаш ви се случило стресот едноставно да исчезне по долгото гушкање со вашиот партнер? Прегрнувањето го намалува нивото на кортизол, хормон кој се лачи за време на стрес, а ги зголемува нивоата на серотонин и допамин, хормони поврзани со доброто расположение, па нормално е по пријатната прегратка да се чувствувате подобро.
- Подобрување на спиењето.Намалениот кортизол го намалува неспокојството во нашиот мозокот, што води до полесно заспивање. Исто така, гушкањето, особено кај малите деца, се поврзува со намалена активност на центарот за страв во мозокот, па тие полесно заспиваат во прегратката на своите родители.
- Редуцирање на болката.Сигурно и вие во детството сте го тестирале овој позитивен ефект на прегратката. Болката од крвавото колено речиси исчезнуваше кога ќе ве прегрнеше мајка ви или заборававте на болката од ставената инјекција кога ќе ве прегрнеше татко ви… Истражувањата спроведени со мали деца докажале дека тие чувствуваат помала болка кога се во прегратките на своите родители.
- Намалување на крвниот притисок.Гушкањето релаксира и смирува, па со тоа го забавува дишењето и ритамот на срцето, што води до намалување на крвниот притисок. Истражувањата покажуваат дека ваквите бенефиции се поголеми за жените, отколку за мажите.
- Намалување на ризикот од срцеви болести.Високото ниво на кортизол и високиот крвен притисок се поврзуваат со зголемен ризик од срцеви заболувања. Па, гушкањето покрај тоа што го редуцира стресот, го намалува и ризикот од кардиоваскуларни заболувања и срцев удар.
ПРИДОБИВКИ ЗА ДРУШТВЕНИОТ ЖИВОТ
Луѓето се друштвени суштества и имаат силна потреба од воспоставување на контакти со други луѓе и одржување на пријателски врски. Но, многу од нас имаат проблеми при градењето на пријателски односи. Причините за тоа се најразлични, тргнувајќи од ниската самодоверба и самопочит, па сè до недовербата во луѓето и стравот од емотивно повредување. Таквите препреки за градење на добри односи можат да бидат надминати со еден едноставен лек – прегрнување.
Прегратките носат многу бенефиции кои придонесуваат за збогатување на друштвениот живот и проширување на кругот на познаници. Еве кои се тие:
- Ви се зголемува самодовербата и самопочитта.Кога некој нè прегрнува, тој всушност ни дава знак дека му значиме и дека има позитивни чувства кон нас, а тоа нам ни кажува дека вредиме и ни ги зголемува самодовербата и самопочитта. Познато е дека луѓето кои имаат поголема самодоверба се поотворени за дружење и проширување на кругот на познаници. Истражувањата покажуваат дека отсуството на родителски прегратки во животот на детето може да придонесе тоа да расте без самопочит и самодоверба, што подоцна се одразува негативно и врз неговиот друштвен живот.
- Полесно ви е да им приоѓате на луѓето.Децата кои пораснале во прегратките на своите родители многу полесно им пристапуваат на луѓето околу себе и полесно започнуваат разговор, а тоа резултира со богат друштвен живот. Кога се прегрнуваме со нашите пријатели, нашиот организам лачи окситоцин кој придонесува за градење на цврсти врски со нив.
- Ви се зголемува довербата во другите луѓе.Кога добивате прегратка од некого, особено во тешките мигови, ви се зголемува чувството на сигурност. Чувствувате дека имате некој кој е на ваша страна и на кого можете да му верувате.
- Алтруизмот станува поизразен.Родителите кои ги растеле своите деца со љубов и со многу прегратки им ги зголемуваат шансите тие да израснат во личности кои ги сакаат другите луѓе и кои се грижат за нивната благосостојбата.
- Се намалува тензијата во меѓусебните односи.Гушкањето ја намалува тензијата меѓу луѓето и тие уживаат во меѓусебното друштво. За луѓето кои често прегрнуваат не се својствени нервозните движења како триење на рацете, гризење на ноктите, играње со косата итн.
- Се намалува чувството на осаменост.Луѓето кои добиваат прегратки не се чувствуваат осамени, затоа што се убедени дека ја имаат на своја страна личноста која ги прегрнува.
ПРИДОБИВКИ ЗА ЉУБОВНАТА ВРСКА/БРАКОТ
„Бакнежот без прегратка е како цвет без мирис.“
Подарените прегратки од саканиот се незаменливи. Емоциите и топлината кои тие ги носат ја одржуваат интимноста во врската, ги бришат секојдневните проблеми и фрустрации, напомнуваат за постоењето на верност и приврзаност, го одржуваат љубовниот оган и страста. Прегратките испраќаат различни пораки како „Ти си најважната личност во мојот живот и бескрајно те сакам“ , „Ценам буквално сè што правиш за мене“, „Јас сум најсреќната личност на светот што те имам тебе“ или „Ниту еден проблем не е нерешлив кога сме заедно“. Секоја прегратка е важна во врската затоа што:
- Ја зголемува обврзаноста.Лачењето на хормонот окситоцин има клучна улога во подобрувањето на врската меѓу партнерите. Кога тие ќе се прегрнат, кај нив се зголемува чувството на зближување и обврзување.
- Ја интензивира поддршката.Истражувањата покажале дека поддршката меѓу партнерите е поголема кај паровите кои почесто се гушкаат. Преку прегратката тие меѓусебно се охрабруваат и поткрепуваат.
- Ја подобрува љубовната хармонија.Гушкањето ја зголемува сигурноста и довербата во партнерот и со тоа придонесува за градење на стабилни и хармонични односи.
- Ја одржува интимноста.Во повеќето врски и бракови доаѓаат моменти когаотсуствува сексот (бременост, породување, болест). Во таков случај, најдобриот начин да ја одржите интимноста е прегратката, затоа што преку неа можете да ја искажете вашата љубов, посветеност и лојалност.
Најдоброто нешто кај овој бесплатен „лек“ е што може да го користи секој, дејствува веднаш, а сите странични ефекти од него се посакувани. Прегнавте ли некого денес?