Сето ова што денес ни се случува е, одвратно, слично на онаа грандиозна лудост која заврши со едно од најголемите злосторства против човештвото, кога пред седумдесет и осум години, Вујко Сем ги фрли „Момчето“ и „Дебелко“ врз Хирошима и Нагасаки, со што го започна создавањето на денешната крвожедна и неправедна каубојска цивилизација.
Денес, сè поретко, се поставуваат прашања заради што беше создадено и употребено апокалиптичното оружје на крајот на Втората светска војна? Оружјето што одеднаш уби повеќе од сто и осумдесет илјади луѓе? Убиени беа масовно, се знае, недолжни цивили! Претежно жени, деца и старци. А, тогашниот џелат кој беше претседател на, како што денес нагалено и милозливо, но целосно невистинито, глаголат денешниве неолиберални интелектуални загари, „најдемократската држава“, никогаш не зажали за одлуката и тврдеше дека употребата на атомската бомба, беше апсолутна неопходност. Дури, постои сведоштво дека на прашање на новинар, кој се обиде да ги оспори аргументите за употребата на бомбата, претседателот одговори: „Кога имате против вас ѕвер, тогаш сте должен него да го третирате како ѕвер“. Ваквите, „хумани“ и „демократски“ зборови за недолжните цивили, никогаш нема да бидат чуени или прочитани, а уште помалку осудени, од верниците на западниот неолиберализам, но затоа на јавната сцена ќе се горат инакумислечките со пламенот на семоќната пропагандно-демократска медиумска инквизиција.
Секако, заради глувонемоста кон вистината на љубителите на Вујко Сем и неговите лакејски држави низ Европа и светот, треба да се каже дека злосторот и страдањата на Хирошима и Нагасаки, се најмитологизирани и најтабуизирани случки во американската, а веројатно и на светската, историографија. Впрочем, ова го тврди токму еден американски секретар за внатрешни работи на САД од шеесетите години од минатиот век, Стјуард Удал, кој во својата книга „Митови за август“, пишува дека основата на перцепцијата на овие настаните во САД се зборовите и постапките на претседателот Хари Труман, чиј потпис стои на релевантниот документ за атомско бомбардирање и кој ја сноси најголемата одговорност за почетокот на нуклеарната ера. Според Удал, „Во првите месеци по Хирошима, екстравагантните изјави на претседателот Труман и другите владини претставници на САД го трансформираа почетокот на атомската ера во најмитологизираниот настан во американската историја. Овие возбудливи, невобичаени искази прикажуваа длабоко изменет универзум, што доведе до преориентација на размислувањето на оваа тема, а влијаеше на однесувањето на другите народи и го промени погледот и очекувањата на жителите на оваа планета“ (Stewart Udall, The Myths of August, 1998, 83–84.)
Монструозното масовно жртвување на недолжно цивилно население, човекојадна определба која ги срамни со земја, не само Хирошима и Нагасаки, туку повеќе од шеесет јапонски градови, заради сопствените политички сметки во поглед на претстојните претседателски избори и заради праќањето на „порака“ кој е „газда“ во светот до главниот противник во лицето на Советскиот Сојуз (а, тоа го зборуваат и некои од најрелевантните американски фигури од тоа време: шефот на проектот „Менхетен“, генералот Лесли Гроувс и научникот Џозеф Ротблат), е и одмазда, и расизам, и колеж, и злосторство против човештвото, кои само заради тоа што победниците ја пишуваат историјата и ја кројат иднината, никогаш не беа ниту правно, ниту морално-политички санкционирани. И тој злокобен и лицемерен молк за злодејствата во градењето на крвожедната каубојска империја, денеска е погласен од било кога во минатото.
Од деведесеттите години на дваесетотто столетие сведочиме за планетарно социоекономско и политичко заболување од масовната интелектуална чума која ја уништува здраворазумноста, го уништува вистинитото сеќавање историско, која предизвикува сеопшта човечка лумпенпролетеризација и од која возвишената Хуманост се наоѓа во претсмртна треска. Заради тоталната неолиберална пропаганда, малкумина денес ќе си припомнат на крвавиот почетокот на атомската ера и на одговорноста за бесмислениот колеж од август четириесет и петтата, но во светлина на тоа трауматично сеќавање од новата човекова историја, нужно е да се предупреди дека неофашизмот е во нов освојувачки поход и заради тоа, во глобални рамки, се горат книгите, се горат луѓето и се отвора една битка, која има, и ќе има, размери на опасен слеп вител, кој во некој кобен миг ќe почне да се движи според своите сопствени закони, независно од каква и да е волја на неолибералните газди на светот кои го создадоа, та затоа, многу извесно е дека оваа денешна драма, порано или подоцна, ќe заврши катастрофално, како апокалиптичен театар со разорни и радиоактивни печурки и со милиони мртви.