МСУ: Во огледалото на Маја Дерен

Сподели

ФФФ Doc. : Во огледалото на Маја Дерен (In the mirror of Maya Deren, 2002)

реж. Мартина Кудлачек / Martina Kudlácek (AT), 104’

14.5. (вторник) / 19:00 / МСУ – Бесплатна проекција
*Соработка со Музеј на современата уметност Скопје

Оваа година, на 14. издание на Филозофскиот филмски фестивал, поголем дел од Придружната програма ќе биде посветен на американската авангардна режисерка Маја Дерен (1917-1961). Така, во рамките на Главната програма на Фестивалот (7-13 јуни) ќе бидат прикажани шест од нејзините видео есеи.

Како најава на ова, на 14. мај, во Музејот на современата уметност во Скопје (19:00 ч.), ќе биде прикажан документарен филм за режисерката Дерен. Традиционално, тоа ќе биде првата проекција на Фестивалот за годинава, односно најава за Главната програма. Односно, ќе имате можност да го погледнете филмот „Во огледалото на Маја Дерен“ (In the Mirror of Maya Deren, 2002, 104’) во режија на Мартина Кудлачек (Martina Kudlácek).

Родена во Киев во 1917, Маја Дерен е американска филмска авторка, поетеса, кореографка, фотографка, филмска теоретичарка и практикувач на хаитското вуду.

Филмскиот опусот на Маја Дерен ги побива сите категории. Нејзиниот комплексен и еклектичен филмски јазик, активно ја одбива категоризацијата и припадноста на нејзините филмови во движењата на надреализмот, формалзмот и структурализмот. Маја Дерен го користи медиумот на филмот со цел да открие нелинеарна перспектива на реалноста, како контрапункт на т.н „хоризонтална“ или линеарна драматична нарација фаворизирана од холивудските филмови. За неа сликите во движење се простор за изразување на емоционалните квалитети и длабочина преку поетско разбирање на филмскиот медиум во процеси кои таа ги опишува како „вертикални истражувања“.

Преку манипулирање на сликите во движење во форма на фантазмагорични црно-бели кратки филмови наречени „кинопоеми“, таа успеава да изгради простор во кој ритамот, движењето, субјективната психологија, навиките на перцепција и симултаната реалност стануваат вродени квалитети на филмскиот медиум и време.

Творештвото на Маја Дерен служи како архетипски пример за независност, чија што филмска пракса успева да ги избегние институционалните правила воспоставени во американската кинематографија. Влијанието на Дерен врз авангардниот филм е дотолку големо, што нејзиниот уметнички ангажман придонесува кон етаблирањето на експерименталниот филм како легитимна уметничка форма. Заедно со Јонас Мекас, Амос Вогел, и други, Дерен ги воспоставуваат критериумите и условите на независниот филм кои и денес остануваат со нас.

Како најава на овогодинешното издание на ФФФ со ќе имате можност да го погледнете филмот „Во огледалото на Маја Дерен“ (In the Mirror of Maya Deren, 2002, 104’) во режија на Мартина Кудлачек (Martina Kudlácek).

„Во огледалото на Маја Деран“ е долгометражен документарен филм кој го реконструира комплексниот живот, дело и уметнички ангажман на така наречената „мајка на авангардниот и експериментален филм“ – Маја Дерен. Инспириран од оглас објавен во рамките на киноархивот „Антологија“ (Anthology Film Archives) од страна на Јонас Мекас за систематизирање на депонираните филмски материјали на Маја Дерен, Мартина Кудлачек одлучува да се впушти во документаристичко истражување на повеќеслојното филмско наследство на Маја Дерен.

Документарецот ја исцртува биографската територија на Маја Дерен преку интервјуа со блиски познаници и соработници, воедно и важни актери во поствоената американска уметничка сцена. Интервјуата ги вклучуваат: Јонас Мекас, филмаџија и основач на Киноархивата „Антологија“, Александар Хамид (Alexander Hammid), фотограф и филмаџија од Чехословачка, нејзин сопруг и соработник во Мрежи на попладнето (Meshes of the Afternoon), танчерката Рита Кристиани (Rita Christiani) која се појавува во улогата на алтер егото на Маја Дерен во Ритуал во преобразено време (Ritual in Transfigured Time), и Катрин Дунхам (Katherine Dunham) меѓу останатите.

Покрај инсерти од филмовите на Маја Дерен, документарецот вклучува архивски материјали од нејзините предавања, работилници, материјали од етнографските истражувања на Хаити и практиките на вуду, преку кои го доближуваат контекстот, филмската филозофија и метод на пионерката на авангардниот филм.