Министерството за внатрешни работи чека и официјално да биде известено од грчките власти, за да започне постапката за екстрадиција на поранешните началници Горан Грујевски и Никола Бошковски, кои синоќа биле уапсени во Солун.
По добивањето на официјалното известување, од МВР најавуваат дека ќе ја информираат јавноста околу чекорите кои ќе бидат преземени за нивно испорачување во земјава.
Согласно законот, ако против лице кое се наоѓа во странска држава се води кривична постапка во Република Македонија или кое е осудено од домашен суд, министерот треба да поднесе барање за екстрадиција.
Кривичниот суд во Скопје кој ја распишал меѓународна потерница, треба целокупните списи во оригинал или заверени копи заедно со барањето за екстрадиција да ги достави до МВР. Кога против лицето чијашто екстрадиција се бара во тек е кривична постапка пред домашните судови тие до МВР треба да достават официјално барање за екстрадиција, наредба за спроведување на истражна постапка, обвинителен предлог или обвинителен акт, решение за притвор, наредба за издавање меѓународна потерница и извод од текстот на Кривичниот законик на Република Македонија.
Двајцата поранешни началници во МВР, кои неколку месеци беа во бегство, се притворени во Солун, Грција. Бошковски и Грујевски се обвинети од СЈО во случаите „Тврдина“, „Таргет“ и „Тврдина 2“.